Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за Меѓународниот Ден на Ромите, упати честитка до припадниците на ромската заедница во Република Македонија:
„Го честитам Меѓународниот ден на Ромите на сите припадници на ромската заедница во Република Македонија, во име на Социјалдемократскиот сојуз и во мое лично име.
Овој ден на Ромите, каде и да живеат во светот е потсетување на цивилизациските придобивки и поттик за натамошен развој и напредок.
Ромите во Македонија се рамноправни граѓани во оваа земја и државата мора да ги обезбеди и штити нивните права.
Досегашната власт ги загрозуваше и погазуваше основните човекови права и слободи на сите граѓани. Ова посебно се рефлектирало врз нарушување и на правата на граѓаните Роми.
Населението со висок праг на сиромаштија, кое живее во нехумани и потценувачки услови во 21-от век, трпело невидени брутални и безобразни притисоци, уцени, закани, влечења „за уши“, директно од власта којашто по закон има должност да им обезбеди егзистенција, образование, здравство, социјална заштитита и на Ромите како и на сите други граѓани.
Почитувани сограѓани Роми, промените коишто заедно ги избравме на 11 декември доаѓаат. Новата реформска Влада ќе го имплементира концептот на едно општество за сите граѓани со слобода и достоинствен живот, без разлика на политичка, етничка, верска и каква било друга припадност.
Сите ние кои живееме во оваа држава, независно на која националност припаѓаме, имаме право на рамноправен, среќен, спокоен живот за нас и нашите деца. Тоа сите заедно ќе го постигнеме“.
Скопје 08.04.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА