Соопштение за јавност
Кога културното наследство ќе стане бизнис план – тоа веќе не е култура, туку пазар
Министерот за култура, Зоран Љутков, сериозно предложи културното наследство да му се препушти на бизнис секторот. Вредностите што ја раскажуваат нашата историја, кои ја обликуваат нашата колективна меморија и идентитет, да се третираат како деловна зделка. Како имот за експлоатација. Како недвижност, не како духовна вредност.
Ова не е незнаење. Ова е опасна идеологија. И ова не смее да помине тивко.
Културното наследство не е хотел. Не е трговски центар. Не е парче земја за инвестиции. Тоа е ткивото од кое сме составени како народ, како заедница, како држава. Не се мери со профит, туку со значење.
Ако му го препуштиме на пазарот – ќе го изгубиме. Зградите ќе останат, ама ќе нема кој да ја раскаже приказната. Ќе имаме споменици без смисла, и туристички рути без душа.
Господине Љутков, културното наследство не се „оправува“ со ППП(Public-Private Partnership) или со приватен партнер. Се чува со љубов, со знаење, со стручност и со јасна визија.
Културното наследство не е само трага од минатото – тоа е жива врска што нè поврзува со корените, идентитетот и колективната свест.
Да го зачуваш значи да ја зачуваш душата на еден народ, неговото право да се памети и да постои.
Ние имаме обврска културното наследство да го одржуваме негуваме и да им го предадеме на идните генерации.
А ако не го разбирате тоа – време е да си заминете.