Соопштение за јавност
За брзо време ќе има ревизија на објавените податоци од страна на Министерството за финансии и од страна на Државниот завод за статистика за сите економски показатели што се обидува да ги крие власта во заминување, во обид да ги покрие катастрофалните резултати во економијата.
Министерството за финансии прикажува намалување на јавниот и државниот долг во релативни бројки, повикувајки се на нереални податоци што очигледно вештачки ги конструира контролираниот Државен завод за статистика.
Државниот завод за статистика ќе мора да објасни како е можно во услови на реален економски раст од 2.4% и во услови на дефлација да прикаже номинален раст од 8.8% на БДП.
Граѓаните на Р.Македонија, стручната јавност и меѓународните финансиски институции мора да знаат како е можно бруто инвестициите во 2016 да бележат пад од 4.3%, а номинално да растат за скоро 20% повторно во услови на дефлација.
Во последната објавена табела на Министерството за финансии, јавниот долг во апсолутен износ е непроменет и изнесува 4 милијарди 711 милиони евра.
Со оглед дека објаснување нема, јасно е дека станува збор за лаги на досегашната власт, по конкретните критики од еврокомесарот Хан дека последните неколку месеци и наштетија на економијата на земјата, поради што е потребно да се одблокираат процесите и Македонија што побрзо да ја добие новата реформска Влада.
На граѓаните им се потребни отчетни институции што ќе работат исклучиво во нивен интерес, а не за лични и партиски цели како што тоа досега го прават кадрите на неодговорното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа е потребно Собранието на Р.Македонија и Ѓорѓе Иванов итно да го овозможат формирањето на новата реформска Влада на граѓаните на Р.Македонија.
Скопје, 24.03.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА