Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, попладнево се сретна со амбасадорот на ЕУ во Р.Македонија, Самуел Жбогар.
На средбата се разговараше за процесот на формирање ново парламентарно мнозинство што се очекува да заврши со формирање на новата Влада на Р.Македонија.
Претседателот Заев соопшти дека на Ѓорге Иванов се предадени 67 потписи, по разговорите водени исклучиво на основа на Уставот со партиите што добија пратеници во Собранието и дека очекувањата се тој во најскоро време да го добие мандатот за формирање на новата Влада.
– Целосно сме посветени на формирање нова реформска Влада на Република Македонија, рече претседателот Заев.
Претседателот на СДСМ најави дека приоритет на новата Влада се економијата и европската агенда.
– Потребни се итни реформи во државата, според извештаите на Прибе и на Европската комисија, за да се обезбеди квалитетен живот на граѓаните, но и стабилна евро-атлантска перспектива на Македонија. Подготвени сме да работиме на исполнувањето на овие цели исклучиво во интерес на потребите на граѓаните кои во големо мнозинство гласаа за овие промени на предвремените избори.
На средбата беше нагласена потребата од зрелост кај сите политички субјекти и од институциите за брз и мирен трансфер на власта, што ќе овозможи продолжување на започнатите демократските процеси во Македонија.
27.02.2017, Скопје
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА