Соопштение за јавност
Ќе ја покачиме просечната плата на 30.000 денари!
Во семејство со двајца вработени, тоа е месечен приход од 1.000 евра.
Спиралата на покачување на платите ќе ја отвориме со зголемувањето на минималната плата, којашто во првите четири месеци од мандатот ќе се зголемиме на 12.000 денари за сите работници, а до крајот на мандатот до 16.000 денари.
Просечната плата од 30.000 денари ќе ја обезбедиме со силна поддршка на домашните микро, мали и средни претпријатија, за кои испланиравме 140 милиони евра директна државна помош. Ќе ги ослободиме фирмите од политички нарачани инспекции со кои рекетира сегашната власт со казни од илјадници евра.
Ако фирмите имаат пари тие ќе можат да се развиваат. Така ќе отвораат нови работни места и ќе даваат повеќе пари на вработените. Ако граѓаните имаат повеќе пари, тие повеќе и ќе трошат. Со тоа ќе живне прометот во фирмите, ќе се зголеми нивниот обрт, фирмичката ќе има можност да стане фирма, фирмата ќе може да ангажира нови вработени.
Сето тоа, освен што ќе ја намалува невработеноста ќе овозможи и повеќе пари да се слеваат во Буџетот. Сите пари во Буџетот ќе ги насочиме пак назад кај граѓаните.
Еден од начините како ќе ги враќаме парите кон граѓаните е преку поврат на 15 проценти од ДДВ-то што го плаќа секој граѓанин во потрошувачките сметки. Така ќе обезбедиме плата плус во секое семејство.
На овој начин ќе го покачиме животниот стандард. Ако има повеќе пари во Буџетот, ќе има и за реална просечна плата од 30.000 денари и за минимална плата до 16.000 денари.
Со одговорни економски политики ќе обезбедиме ќе овозможиме реален економски раст во Македонија и квалитетен живот за сите граѓани.
Досегашната неодговорна Власт и контролираниот Завод за статистика не можат повеќе да ги лажат граѓаните со нереални бројки, бидејки кога тие ќе погледнат во своите фржидери и натрупани сметки, ја гледаат вистината. Затоа и мнозинството граѓани избраа промени.
Затоа е потребно волјата на граѓаните да се преточи во институциите и да се формира нова и одговорна Влада на граѓаните на Македонија.
Скопје, 26.01.2017
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА