Соопштение за јавност
Во обраќање кон сите разочарани и скептични граѓани, Венко Филипче упати јасна порака – СДСМ не е иста со ВМРО-ДПМНЕ. Оваа борба не е само за власт, туку за вредности, вистина и еднаквост.
– Сакам да им се обратам на оние кои велат „сите се исти“ или „во СДСМ нема промена“. Не сме исти. Не се исти оние кои вртат глава кога ќе се пожалите на тешка живеачка и оние кои понудија решенија за повисоки плати и пониски цени. Не се исти оние кои ветуваа правда, а испорачаа селективна правда – и оние кои секојдневно нудат решенија и реформи со кои секој политичар или функционер еднакво ќе одговара пред законот. Не се исти оние кои понудија решенија за траен развој на Македонија интегрирана во Европа – и оние кои решија да фрлат сè на буниште заради сопствените политички и бизнис интереси. За крај, не се исти оние кои кога беше најтешко во изминатите седум години искрено стоеја пред вас и ги решаваа проблемите – и оние кои за секој проблем ја обвинуваат опозицијата или манипулираат дека проблемот не постои, истакна Филипче.
Тој нагласи дека СДСМ стои на истата страна каде што стоел и пред 80 години – на страната на луѓето.
– Затоа, денес, како и пред 80 години, кога хероите на АСНОМ ја запишаа основата на македонската државност, СДСМ стои таму каде што отсекогаш стоел – на страната на граѓаните.
Се бориме за Македонија на еднакви луѓе, со еднакви шанси. За слободна земја, каде правото важи за сите, а достоинството не се мери со партиска книшка. Се бориме за идентитетот кој не се злоупотребува за евтин политички профит, туку се чува, се унапредува и се промовира во светот. СДСМ е гласот на оние кои не се слушнати. Потпора на оние кои се оставени по страна. СДСМ е партија што не калкулира со вистината, туку ја брани и кога таа е тешка и болна. Нашата борба е борба вредности, за Македонија која е праведна, солидарна и слободна. СДСМ е таму каде што секогаш сме биле – меѓу луѓето. Со корени длабоко втемелени во историјата, но со поглед кон иднината, заклучи Филипче.