fbpx

Бочварски: Со ребалансот власта ги игнорира потребите на граѓаните а ги зголемува долговите

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Бочварски: Со ребалансот власта ги игнорира потребите на граѓаните а ги зголемува долговите

Според сите релевантни статистики, платите во државата стагнираат, нема зголемување на минималната и просечната плата, додека инфлацијата ја намалува куповната моќ на граѓаните за околу 20% во последната година. Ова е реалноста по само една година владеење на ДПМНЕ, рече пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски, на денешната комисија за ребаланс на буџетот.

Бочварски се осврна и на значајното зголемување на јавниот долг, кој според Светска банка изнесува 62.4% од БДП. Наместо ветената финансиска консолидација, се бележат нови задолжувања од над 1 милијарда евра од Унгарија и најавени дополнителни 6 милијарди евра преку британскиот договор.

– Во овој ребаланс се предвидува и дополнително задолжување од 500 милиони евра, што може да го зголеми јавниот долг над 65%. За споредба, СДСМ ја предаде власта со јавен долг од 55%, што тогаш од ВМРО-ДПМНЕ беше оценето како ’државна апокалипса‘, а сега, со 62.4%, истиот долг се смета за ’историски добар‘, потенцираше Бочварски.

Во владината програма беше ветено намалување на буџетскиот дефицит на 3%, но овој ребаланс предвидува негово зголемување на 4%, што е спротивно од ветеното и во спротивност со Законот за буџети, според кој дефицитот може да биде максимум 3%, или 3.5% само во исклучителни услови.

Иако се најавува економски раст од 3%, инфлацијата е 3.7%, што во пракса значи дека реално нема економски раст, туку пад на стандардот на граѓаните.

– Покрај тоа, странските директни инвестиции значително се намалени – од 397 милиони евра во последниот квартал на 2024 на само 135 милиони евра, додека во буџетот нема предвидени средства за најавените големи инфраструктурни проекти како брзата пруга и експресните патишта, кои се дел од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ. Единствениот активен мотор на економијата остануваат коридорите 8 и 10, кои се проекти на СДСМ, рече Бочварски.

Реализацијата на капиталните инвестиции е многу ниска – само 23% до половина година, што најавува максимална реализација од 45-50% до крајот на годината.

Дополнително, постојат сомнителни зголемувања на расходите, како што се привремени вработувања, договорни услуги, купување на возила, додека се бележат значајни намалувања во социјалните надоместоци, образованието и регионалниот развој, што негативно ќе влијае на квалитетот на живот и развојот на целата држава.

– Овој ребаланс не нуди концепт, визија ниту капацитет за економски раст и подобар живот за граѓаните. Затоа, СДСМ нема да го поддржи овој ребаланс и поднесе 160 амандмани кои се базираат на директна комуникација со граѓаните и се насочени кон реални и неопходни проекти за секој регион, вклучително и за Кочани. Сметаме дека оваа влада ги игнорира приоритетите на граѓаните и ги занемарува реалните економски проблеми, туркајќи ги под тепих, истакна Бочварски.

Последни вести