Соопштение за јавност
Мицкоски, кој се фали дека го брани македонскиот јазик и идентитет, денес е човекот заради кој тие повторно се ставени под прашалник во европските институции. Откако дозволи македонскиот јазик да се оспори во извештајот на ЕУ и не направи ништо за да ја поправи таа катастрофа, сега со напад на СДСМ се обидува да ги замајува граѓаните и да го покрие својот неуспех.
Кога ќе се погледнат фактите, јасно е дека со неговиот аматеризам, запоседнување на терен и периметар дипломатија, Македонија ризикува да го изгуби јазикот од извештајот на Советот на ЕУ. Наместо да се бори таму каде што треба, во Брисел, Мицкоски се бори тука, против својот народ, против опозицијата, против сите кои ја гледаат неговата дипломатска катастрофа.
СДСМ не е национално исплакната партија — исплакнат е твојот лажен патриотизам. Држава и јазик се бранат со храбри одлуки, со работа, со дипломатска умешност и со чесен став, а тоа е сè што ти немаш.
СДСМ беше партијата која успеа да го внесе македонскиот јазик и идентитет во европските документи, да ја зачува националната посебност и да ги отвори вратите на Европа за Македонија. Сè што ти направи е да ги затвориш тие врати и да ја посрамиш државата.
Твојот патриотизам е за реклами и на митинзи, тука завршува се што разбираш ти од патриотизам. Ти ги користиш чувствата на граѓаните како монета за поткусурување во твојата кампања. Но народот веќе гледа, зад големите зборови стои мал исплашен и неспособен човек.
Ако навистина го чувствуваше ова што го зборуваш, немаше да дозволиш националните победи кои беа изборени да бидат избришани за една ноќ. И немаше да го делиш народот на „вистински“ и „исплакани“, како да не сме сите еднакви граѓани на оваа земја. Како да не сме граѓани кои го сакаат истото, сигурна и развиена држава.
Затоа престани да се криеш зад патриотизмот и да ја труеш јавноста со лаги. Веќе те разоткирја и оние што сега ти аплаудираат. Ти не го браниш народот туку го злоупотребуваш.
Македонскиот јазик не е твој, идентитетот не е твој, државата не е твоја да ја користиш како добра можност во кампања.