Соопштение за јавност
ВМРО-ДПМНЕ ја партизира културата – нестручни лица се поставуваат за директори на национални институции
ВМРО-ДПМНЕ ја партизира и културата, претворајќи ја во свој партиски плен, каде неспособноста и непотизмот владеат над професионализмот.
СДСМ најостро реагира на најновите скандалозни партиски поставувања во културните институции, со кои Министерството за култура предводено од Зоран Љутков целосно го урива професионалниот и институционален интегритет на културниот систем во државата.
Скандалозните партиски поставувања на директори во националните културни институции се доказ за крајната неодговорност и негрижа кон културниот развој.
Наместо промена и професионализација, гледаме драстично понижување на стручноста и крајно деградиран културен систем под раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Прво, на чело на Националната филхармонија беше скандалозно поставен Мустафа Имери. Ова назначување предизвика оправдан револт кај стручната јавност и музичката фела .Но наместо повлекување,следуваше нов скандал – за директор на Националната галерија е поставен Али Синани, уметник кој нема ниту ден искуство во музејската дејност, ниту, пак, познавања од управување со институции од ваков калибар.
Зарем ова е ветениот „нов пристап“ на Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ? Зарем не ветуваа крај на скандалите и професионализам во културата?
Реалноста е спротивна, единствено што направија за една година беше промената на Законот за култура, со цел да ги спуштат критериумите за избор на директори, за да можат полесно да поставуваат партиски лојалисти и роднински кадар.
Ваквиот однос е навреда за стручноста, понижување на културните институции и отворена демонстрација на клиентелизам и непотизам.
Го повикуваме Министерството за култура и министерот Љутков итно да ги поништи одлуките за назначување на Мустафа Имери и Али Синани, да распише нови, транспарентни конкурси со јасни стручни критериуми и да престане со партиската окупација на културата.
Културата не смее да биде трофеј во партиските борби – ВМРО-ДПМНЕ мора да разбере дека јавните институции служат на граѓаните, а не на партиските кадри. Институциите не смеат да бидат експериментална лабораторија за неспособни и неподготвени кадри.