Соопштение за јавност
Наместо да го менаџира системот, Мицкоски лажно ја обвинува опозицијата за пожарите
Македонија гори, а премиерот Христијан Мицкоски, наместо да работи и да го менаџира системот за гаснење на пожарите, си тера партиски трибини од кои лажно ја обвинува опозицијата.
Да не беше трагично, ќе беше смешно. Безобразие и ароганција — очајни конструкции на човекот кој целосно потфрли во справувањето со пожарите.
Прво беа кравите, потоа скакулците, па лажните фотографии на Лефков и фабрикуваните лаги на ВМРО-ДПМНЕ — сѐ со цел да се дефокусира јавноста од неспособноста, хаосот и нефункционалноста на институциите.
Но тоа не поминува. Граѓаните знаат и гледаат. Изгореа над 20% од македонските шуми и пасишта. Македонија е прва во Европа по уништена територија од пожари откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт.
Оваа национална катастрофа е последица на неспособноста и неуспехот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да се справи со пожарите.
Нели оваа година ќе бевме „најспремни“ за справување со пожари? Па зошто државата не е спремна? Зошто нема нова опрема, зошто нема повеќе пожарникари, зошто нема систем?
Мицкоски треба да знае дека пустошот што го остава владата зад себе нема да го изгасат ниту лажните вести, ниту манипулациите, ниту вперувањето прст кон опозицијата.
Државата гори. Престанете со измислувања – земете, работете!