Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, членови од раководство на СДСМ, од Извршниот одбор на партијата, од општинските раководства, вечерва присуствуваа на отворање партиски штабови во општините Шуто Оризари и Арачиново. Вечерва се подготвува и отворање партиски штабови во Старо Нагоричане и во Гостивар со што СДСМ испраќа порака дека е со граѓаните насекаде низ Македонија.
Граѓаните во Скопје, во позитивна атмосфера ги поздравија заложбите на СДСМ да обезбеди достоиствен живот за сите граѓани на Македонија.
– Среќа има само кога се среќни сите граѓани. Ако има пари во секое семејство. Ако ги задржиме младите да живеат тука, тука да работат и да ја градат својата иднина. Ние ќе ги вратиме парите кон граѓаните. Државата прво ќе им помогне на најсиромашните. Ќе ја покачиме социјалната помош. Но и ќе создадеме услови за нови работни места, повисоки плати, за живот за сите граѓани во Македонија – рече претседателот Заев во обраќањето пред граѓаните од Шуто Оризари.
Претседателот Заев ги повика граѓаните на Шуто Оризари да пријават ако некој се обиде да им прави притисоци.
– Ако некој се обиде за се заканува, да заплашува, да поткупува, казната е затворска. Да ме слушнат криминалците од ВМРО-ДПМНЕ и Амди Бајрам. Ќе ги заштитиме Ромите! Ќе ги заштитиме сите граѓани. Слободно ќе гласате. Додека дишам ќе стојам рамо до рамо со вас. Ние заедно сме граѓанска опција и се бориме за сите. Ќе се избориме за сите нас и за Македонија, рече претседателот Заев во Шуто Оризари.
Во Арачиново претседателот Заев и граѓаните зборуваа за тешкиот живот и за Планот на СДСМ за живот во Македонија.
– Граѓаните пливаат во давачки, извршители, казни стигаат од сите страни. Се што заработуваме, не стига за основна егзистенција. Сиромаштија хара по цела Македонија. Таа не бира Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми. Таа е насекаде присутна. Мораме да го подобриме квалитетот на животот на граѓаните. Да им помогнеме на младите луѓе, да им обезбедиме работа. Просечната плата да биде 500 евра, рече претседателот Заев.
Граѓаните го поддржуваат концептот на СДСМ за Македонија – едно општество за сите граѓани.
– На овие избори СДСМ и здружените граѓани, од сите етнички заедници ќе бидат прворангирани. Знаете зошто, затоа што не сме поделени. Не сакаат луѓето поделби, ни етнички, ни верски, ни политички. Единствени поделби што постојат во Македонија, се – сите ние граѓаните од една страна и криминалната власт од друга страна. Тука сме, да си пружиме рака, да си помогнеме, да се разбереме, да бидеме добри луѓе. Ова се историски моменти, а ние сме на вистинската страна – ќе дојде време, на внуците ќе им кажуваме, бевме заедно кога некој ширеше национализми и поделби во државата, порача претседателот Заев во Арачиново.
Тој најави дека заедно и сплотени, победува граѓанска Македонија на претстојните избори.