Соопштение за јавност
Дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски беше во посета на земјоделцитево Фурка, Дојранско.
Неисплатени и ненавремени субвенции, слаб откуп и пласман на грозјето се проблемите што ги мачат земјоделците од овој крај. Покрај тоа, тие бараат и ревизија на веќе доделеното државно земјиште.
– Субвенциите доцнат, откупот и пласманот на грозјето го нема, а државата не превзема никакви мерки за да обезбеди пласман на грозјето. Земјиштето наместо на вистинските земјоделци, се доделува на оние коишто немаат допирна точка со земјоделието. Овој е земјоделски крај, а државата не покажува никаков интерес да ни помогне. Бараме промени со кои ќе имаме достоинствен живот како земјоделци, велат револтирано земјоделците.
Жителите бараат и оспособување на хидро системот за наводнување на земјоделското земјиште на потегот од Ѓавачко поле до Дојран.
„Државата не треба да остане глува на ова барање, бидејќи со ова директно се излегува во пресрет на земјоделците. Со оспособувањето на овој хидро систем за наводнување, ќе се зголемат приносите на земјоделците, а тоа ќе биде спас и за целиот регион“ рече Николовски.
Според Николовски, само системски, а не паушални мерки се клучот за решавање на проблемите.
„Земјиштата мора да припаѓаат на вистинските земјоделци. Нема да дозволиме да се прават злоупотреби во распределбата на државните земјишта. Сите кои незаконски присвоиле државни земјишта и ја оштетиле државата, ќе одговараат.“ рече Николовски.
Според него, Владата, ако имала волја, можела да донесе мерка за интервен откуп на грозјето за да го стабилизира пазарот и да излезе во пресрет на земјоделците.
„Државата треба да гарантира сигурен пласман на сите земјоделски производи, вклучително и на грозјето. Ако имаше волја и вистински се грижеше за земјоделците, Владата можеше да го реши овој проблем, со интервентен откуп. Треба цената на производите да се договара заеднички меѓу државата, откупувачите и земјоделците.
„Јас како дополнителен заменик министер и мојот тим нема да дозволам да се прават манипулации и злоупотреби врз грбот на земјоделците и ќе продолжам да работам во нивни интерес. Ова се последните месеци на загриженост на земјоделците.“ рече Николовски.