Соопштение за јавност
Кога од Министерството за одбрана прашуваат што направи СДСМ за армијата, добро би било да знаат дека СДСМ заедно со граѓаните ја формираше АРМ.
За жал, ВМРО-ДПМНЕ ја спушти на дното во општеството, а војникот го задолжи во кредити како и сите останати граѓани. Војниците поради ниските плати и нередовна исплата на ниските дневници и додатоци не се кредитоспособни да добијат кредит во комерцијалните банки кои ќе го поддржат овој проект на власта кој функционира само на хартија. Ниту 5 отсто од армискиот персонал нема да го почувствува овој проект, а доказ за тоа е малиот интерес на апликанти во МО.
Проектот веќе седма година се најавува од секој министер за одбрана пред избори, а во розевиот свет на пропагандата на Груевски цело време се распоредуваат станови кои не само што не постојат, туку за кои не е ни започната градба.
Министерот Јолевски најави камен темелник за градба за која се уште нема уредна градежна дозвола, нема спроведено постапка за избор на изведувач, но тоа е стилот на ВМРО-ДПМНЕ, сликај се со лопата, саморекламирај се, и со тоа си ја завршил работата.
Ваквите состојби и понижувачки однос кон војската наскоро ќе завршат. По 11 декември доаѓа одговорна власт која што ќе се грижи за одбраната и безбедноста на државата.
Скопје, 09.09.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА