Соопштение за јавност
Митовски: Гази Баба е прва на удар од канцерогените честички – нудиме конкретни решенија, власта итно да реагира
Кандидатот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за градоначалник на општина Гази Баба, Влатко Митовски, денеска ја посети депонијата Вардариште заедно со претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, и кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, д-р Александар Трајановски.
Од таму, Митовски испрати порака дека граѓаните на Гази Баба секојдневно живеат со страв и чад, и повеќе нема да молчат.
„Секоја вечер, кога децата треба да заспијат, родителите ги затвораат прозорците. Страв од чадот, од мирисот на горено, од канцерогените честички што ја трујат секоја уличка. И додека се гушиме, власта молчи. Ова е врв на неспособноста и негрижата на власта“, изјави Митовски.
Тој предупреди дека депонијата Вардариште и кризата со Дрисла не се само локален проблем – тоа е прашање за цело Скопје и пошироко. „Општината Гази Баба е првата што го чувствува секој нов чад, секој нов пожар од депониите. Четири години не можат да ја средат една депонија! Тоа е повеќе од неспособност, тоа е криминална рамнодушност“, додаде тој.
Митовски претстави и конкретни решенија што СДСМ ќе ги спроведе веднаш по преземање на одговорноста. Првиот чекор е воведување сериозна механизација за затрупување на жариштата и покривање на депонијата со глина и земја, со цел прекинување на контактот со кислород.
Потоа, ќе се формира стручен тим со долгогодишно искуство во управување со депонии и ќе се воведе систем за селекција на отпадот, со што ќе се намали количината и ќе се спречи ново складирање. Исто така, граѓаните ќе бидат редовно информирани преку неделни извештаи и јавни состаноци.
„Граѓаните на Гази Баба имаат право на воздух. И имаат право на градоначалник што нема да се крие во кризи. Тоа го ветувам: крај за молкот, крај за бахатоста, крај за чадот во нашите домови“, порача Митовски.