Соопштение за јавност
Филипче од Охрид: Потребна е силна опозиција да ја спречи ароганцијата на власта
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во своето обраќање на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, истакна дека за само година и пол, ВМРО-ДПМНЕ не донесе ништо освен ароганција, поделби и изневерени очекувања.
Филипче посочи дека власта нема капацитет да изгради правна држава, туку нуди само празни изјави без реални резултати.
„Што да се каже за правда и правна држава кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт? За нив тоа е непозната именка, апстрактна уметност – зборуваат за неа, ама никој не ја гледа. Театрални изјави, без ниту еден донесен закон од реформската агенда за вистинско реформирање на правосудниот систем“, нагласи Филипче.
На трибината, Филипче нагласи дека од премиерот Мицкоски секојдневно излегуваат изјави дека нешто се поместува во евроинтеграцискиот процес, а всушност државата е се подалеку од ЕУ.
„Сам се пофали премиерот дека реформската агенда е „најдобриот документ што го подготвила оваа Влада“, понатаму дека е „инструмент за демократизација на општеството“, понатаму „патоказ за да ја донесе Европа дома“, но со секој изминат ден државата ни е сè подалеку од Европа и од демократија со Мицкоски. Секоја негова изјава е едноставно нова лага“, рече Филипче.
Затоа, како што кажа Филипче, повеќе од било кога е потребна мобилизација и единство, оценувајќи дека само со јасна и силна опозиција може да се спречи понатамошната деградација на државата.
„Наша обврска е да ги спречиме, СДСМ е партијата која може да го направи тоа и јас верувам дека секој еден од вас тоа го знае. Сега ни е потребна мобилизација, потребно ни е единство во вербата дека можеме да се бориме за подобра Македонија. Ова не е промената што граѓаните ја очекуваа. Наша задача да им ја вратиме вербата дека сме тука за нив“, порача Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.