Соопштение за јавност
Филипче од Велес: За Владата на Мицкоски поважни се олигарсите, отколку работниците
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Велес, ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека наместо да ги заштити работниците, работи за големите олигарси.
Филипче посочи дека власта ги одби сите добри законски решенија на СДСМ за покачување на платите и справување со високите цени на храната затоа што поважни им се газдите на маркетите.
„Ги одби, затоа што за нив поважни се газдите и крупниот капитал, отколку работникот кој секој ден се мачи да стигне до крај на месецот. ВМРО-ДПМНЕ, заради интересите на неколку компании блиски до нив, ги остава работниците по страна. ВМРО-ДПМНЕ се плаши да им каже на големите компании: Време е да го почитувате трудот на работникот. За нив, 400 евра биле доволни. За пуленот на Мицкоски, Трајко Славески, и тие биле многу. Додека тие трошат за ПР кампањи народни пари, луѓето се оставени на страна“, рече Филипче.
На трибината тој појасни дека граѓаните поради лошите политики на власта се оставени да не можат да врзат крај со крај во месецот.
„Што има обичниот човек? Празна кеса од маркет, сметки што пораснаа и до 30% и тие секојдневно чувствуваат дека живот е сè потежок. Речиси три минимални плати денес не можат да стигнат за една потрошувчка кошничка, а камоли за сметките. Луѓето не се борат за подобар живот, тие се борат за преживување. И токму затоа оваа власт мора да се соочи со прашањето: за кого работат, за народот, или за олигарсите?“, нагласи Филипче.
Во обраќањето тој потсети дека СДСМ и во најголемите кризи, Ковид кризата и енергетската криза, покажа што значи вистинска грижа за граѓаните.
„Го воведовме првиот механизам што предвидуваше раст на платите согласно растот на трошоците за живот. Бевме првата Влада што вистински со конкретни дела покажа што значи социјална држава. Во нашето време, минималната плата стана достоинствена, пензиите растеа, а работниците беа заштитени. Имавме девет пакети на антикризни мерки во најголемите кризи, 2,6 милијарди евра отидоа директно во компаниите и кај граѓаните. Се заштитија 80.000 работни места, се заштитија 20.000 компании од пропаѓање. Сега нема ништо. Има молк, има лажен ПР, има манипулации и има само слики од митинзи“, рече Филипче, и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ наместо „балкански економски тигар“, како што ветуваа, ја претворија Македонија во економска пустина.