Соопштение за јавност
„Во Скопје денес има луѓе кои живеат незабележани, стари лица кои се сами, жени кои преживуваат семејно насилство, деца со попреченост кои немаат соодветна поддршка. Тоа не смее да биде градската реалност,“ порача кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, најавувајќи нов пристап во социјалните политики на градот.
Шукова нагласи дека нејзината визија е Скопје да стане град кој се грижи, во кој социјалните услуги се достапни, блиски и хумани. „Имаме јасен план како да создадеме град кој се грижи. Град во кој социјалните услуги се достапни, човечки и блиски до секого,“ изјави таа.
Во рамките на нејзината програма, Шукова најавува поставување нов систем на дневни центри и прифатилишта за жени жртви на насилство, како и нови сервиси за семејствата и парамедик служба која ќе им помага на најранливите граѓани во нивните домови.
„Со Фонд за лица во ризик ќе обезбедиме здравствена и социјална поддршка, а јавниот простор и транспорт ќе ги направиме пристапни за лицата со попреченост,“ додаде Шукова.
Посебен акцент стави на грижата за постарите лица и децата со попреченост. „Градиме центри за дневна грижа за старите лица, отвораме мултисензорни соби во училиштата за децата со пречки во развојот, и воспоставуваме програми за обука и вработување на ранливите групи,“ рече таа.
„Нашата цел е Скопје да стане град на еднаквост, поддршка и човечка солидарност. Имаме план, имаме решение и знаеме како да го спроведеме сето тоа, затоа што секој човек заслужува достоинствен живот во својот град,“ порача Шукова.