Прес конференција на СДСМ, Богданка Кузеска – портпаролка
СДСМ: Зошто не се објавуваат имињата ако веќе е утврдена одговорност?
Почитувани граѓани,
Се соочуваме со еден од најголемите скандали во здравството во историјата на државата. Министерот за здравство јавно соопшти дека се утврдени најмалку 10 случаи на непотребни кардиоваскуларни операции во приватни клиники. Ова е скандал без преседан за кој мора да има целосна одговорност, но начинот на првичната презентација на извештајот е скандалозен.
Имено, како е можно министерот Алиу да каже дека комисијата утврдила, повторувам „утврдила“ дека операциите биле непотребни, а истовремено да вели дека истиот тој извештај не е финален?
Да вели дека затоа не ги објавува имињата на лекарите и клиниките кои стојат зад тоа.
Прашуваме, кои податоци се чуваат за „финалната фаза“? Дали нешто ќе се менува, што се договара и што се преговара во тој период додека јавноста чека да се финализира извештајот?
Ова е крајно несериозно и јасен сигнал дека финалните наоди може да бидат различни. Ваквото однесување сигнализира прикривање или амнестирање на одредени клиники и лекари. Прашањето е: кого штити министерот?
Ако има утврдено факти – тие мора да бидат јавно објавени. Ако има одговорни – тие мора да се именуваат. Алиу нема право да остави ниту една дамка, ниту една сенка дека се штити нечии интереси. Ниту дека некој оди на преговори кај него и Владата наместо да сноси одговорност.
Во овој момент сакаме да кажеме многу јасно: огромното мнозинство лекари во оваа држава се чесни, посветени и професионалци. Но кога министерот не соопштува каде е направена грешката, кои комисии носеле одлуки и кои клиники ги спроведувале операциите, тој не ги штити докторите – напротив, ги става сите под сомнеж.
Тоа е најголемиот удар врз системот, врз професијата и врз институциите.
СДСМ бара веднаш да се објави извештајот – целосно, транспарентно и без криење, во фазата во која се наоѓа.
Во интерес на јавноста, во интерес на сите пациенти и на здравствените работници, бараме:
Итно објавување на досегашниот извештај, со сите наоди, без селекции и без преправки.
Објавување на клиниките вклучени во процесот.
Објавување на сите поединци кои носеле одлуки за операциите – комисии, консилиуми, лекари, управители.
Активирање на ЈО, ДКСК и Финансиската полиција, бидејќи постојат сериозни индиции за коруптивна вертикала, за недозволено упатување пациенти и за незаконско профитирање.
Обезбедување правна и психолошка поддршка за пациентите и нивните семејства.
Овие мерки се единствените логични и сериозни чекори за зачувување на довербата. Во спротивно, се ризикува силен удар врз довербата во здравството и врз лекарите кои чесно и професионално си ја работат својата работа.



