fbpx

Заев: Македонија ќе биде дел од големото европско семејство

Facebook
Twitter
LinkedIn

Претседателот на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, денеска положи свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци во Народно ослободителната-антифашистичка борба на Македонија, во Струмица, потврдувајќи ја својата длабока почит кон жртвите на фашизмот.

Зборувајќи за значењето на 9-ти мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, претседателот Заев порача дека Македонија ќе биде дел од големото европско семејство.

-Треба темелно да си го исчистиме сопствениот двор од нештата кои сериозно ни ги разнишуваат темелите на државата и државноста, рече Заев, за, како што додаде, да и покажеме на Европа дека Македонија се враќа на вистинскиот пат за влез во големото европско семејство.

„Нашава земја веќе 25 години од својата самостојност го сонува европскиот сон со тенденции да стане дел од големото европско семејство. Иако Македонија е земја-кандидат за членство во Унијата од декември 2005 година се уште нема добиено датум за почеток на преговори со ЕУ и покрај препораките од Европската комисија. За жал, грчките условувања за решавање на спорот со името и нашите внатрешни недоследности, се се уште пречка тој сон да стане јаве. И во тој контекст, кога ги детектираме причините за нашиот предолг престој во европската чекалница, мораме да бидеме доблесни, да си ги признаеме болестите од кои ни боледува општеството и темелно да си го исчистиме сопствениот двор од нештата кои сериозно ни ги разнишуваат темелите на државата и државноста. Разрешницата на нашата политичка криза и враќањето на демократските вредности, правдата, слободата и човековите права, треба и мора да останат наш императив, без никакви алтернативи. Само така ќе и покажеме на Европа дека Македонија се враќа на вистинскиот пат, на патот по кој порано сигурно чекоревме. Ако велат дека надежта последна умира тогаш треба да бидеме сериозни и да се избориме барем на таа надеж да и создадеме реална основа. Треба да бидеме мудри, упорни и истрајни и ако нешто заслужуваме, тоа сигурно ќе го добиеме. Ако Македонија секогаш била на вистинската страна тогаш нека биде и понатаму на страната на прогресивна Европа во која ќе нема место за промоција на нови фашизми и создавање можности за нови крвопролевања. Да продолжиме да го сонуваме нашиот заеднички сон, а јавето нека биде наша заедничка цел“ рече Заев.

Претседателот Заев им оддаде почит и на загинатите припадници на МВР во настаните од пред една година во кумановската Дива населба.

 

 

 

Последни вести