Соопштение за јавност
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објави нови сериозни сомнежи поврзани со преземањето на „Стопанска банка АД Битола“ од страна на српската Алта банка.
„Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски. Пред само два месеци српската Алта банка ја презеде ‘Стопанска банка АД Битола’, а за тоа согласност дал гувернерот на НБРМ, Трајко Славески“, изјави Александар Саша Димитријевиќ, член на Централниот одбор на СДСМ.
Тој го постави прашањето дали токму оваа зделка е причината поради која Славески бил избран за гувернер.
„Дали Трајко Славески беше избран за гувернер само за тивко и експедитивно да се реализира токму оваа зделка?“, праша Димитријевиќ.
Kлучното прашање е што се крие зад ова преземање и зошто вакви дилови се реализираат веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ.
Според пишувањата на српските медиуми, како што наведе тој, успехот на Мацура е поврзан со блиски врски со власта на СНС.
„Рецептот за успех се неговите врски со власта на СНС, со Александар Вучиќ, неговиот брат и кум. Српската опозиција редовно го обвинува Мацура за криминал, а медиумите го поврзуваат и со Милан Радојчиќ, кој е под американски санкции и на црната листа“, истакна Димитријевиќ.
Тој потсети дека при обид за проширување во Европската унија, Европската централна банка презела ригорозни мерки.
„Кога Мацура се обидел да купи речиси 20 проценти од уделот во австриската Адико банка, Европската централна банка му го суспендирала правото поради сомнежи за потеклото на капиталот“, рече Димитријевиќ.
Според пишувањата на угледниот „Фајненшл тајмс“, како што наведе тој, „постоела долга истрага на ЕЦБ за Alta Pay поради сомнежи за перење пари“.
„Ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари“, предупреди Димитријевиќ.
Тој праша како е можно Европската централна банка да преземе ваков ригорозен чекор, а НБРМ да го дозволи преземањето.
„Како тоа ЕЦБ има преземено ваков ригорозен чекор, а Трајко Славески и НБРМ без размислување го дозволиле преземањето во Македонија? Зошто не биле повнимателни, особено кога станува збор за банка од понизок ранг?“, рече тој.
АКТ на СДСМ побара институционална реакција.
„Бараме Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање. Бараме да се испита потеклото на парите и ризикот од перење пари“, рече Димитријевиќ.
„Македонија не смее да стане финансиска платформа за туѓи политички агенди“, порача тој.
АКТ продолжува. Работата не е завршена.

