„Ве чекам на нишан“ – СДСМ поднесе пријава до полиција за заканите од Героски

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија поднесе официјална пријава до Министерството за внатрешни работи – Полициска станица од општа надлежност Центар, поради загрозување на сигурноста преку јавна закана.

Пријавата се однесува на лицето Бранко Героски, новинар и главен уредник на порталот Плусинфо.мк, кој во свој авторски текст на порталот, но и преку објави на социјалните мрежи, упатува директни закана по животот и телесниот интегритет на членови на СДСМ но и претседателот на партијата: „ВЕ ЧЕКАМ НА НИШАН“!

Оваа закана, како што се наведува во пријавата, „во ниеден момент не може да се сфати пежоративно, ниту во било каков друг контекст, освен како директна закана од употреба на оружје“, при што таа е упатена неодредено.

Дополнително, пред објавувањето на заканувачкиот текст, во повеќе наврати Героски објавува креирани фотографии од себе со оружје на својот приватен фејсбук профил, што, во комбинација со јавно изречената закана „ВЕ ЧЕКАМ НА НИШАН“, сериозно ја зголемува загриженоста за можни последици.

СДСМ оценува дека ваквото однесување претставува класично загрозување на сигурноста, казниво согласно Член 144 од Кривичниот законик, кој се однесува на закана по живот или тело, особено кога е упатена јавно, преку медиуми, информатички систем и кон повеќе лица поради нивната политичка припадност.

СДСМ очекува МВР да постапи професионално, итно и ефикасно, со цел: превенција од евентуална реализација на заканите, заштита на животот и безбедноста на граѓаните, спроведување службен разговор со наведеното лице и преземање соодветни законски дејствија.

Јавните закани со оружје не се став, не се критика и не се новинарство. Тие се кривично дело.

СДСМ нема да молчи пред говор на омраза, закани и обиди за заплашување.

Институциите мора да постапат.

Одговорност мора да има.