Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинари рече дека власта не сака техничка влада поради тоа што ќе се видат сите злоупотреби во коруптивниот систем.
„Техничката влада може да се укине само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме, затоа што оваа власт канџите агресивно ги стави на сите институции и ги злоупотребува во свои политички цели. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем којшто е сега поставен“, рече Филипче.
Филипче, потенцираше дека техничката влада не смее да се укине, затоа што таа е единствената можност за чесни и фер избори.
„Со оглед на тоа дека ние и нашиот антикорупциски тим веќе почнавме со објавување на аферите, а има уште огромен број на работи коишто допрва ќе ги презентираме во јавноста може само да претпоставите што се сè крие во институциите. И затоа не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на пандорината куќа. Мицкоски, прво во интервју на Алфа рече дека нема намера да иницира укинување на техничка влада без широк консензус, а завчера рече дека можеле и сами, но сакале процесот да биде инклузивен. И ова е уште една потврда за тоа што го говориме“, изјави Филипче.
Тој посочи дека власта ги има ставено канџите во правосудството, обвинителството е ставено под целосна контрола, врз Судскиот совет се врши притисок и се носат измени на кривичниот закон којшто одговараат само на власта. Ова, како што нагласи, не се прави случајно, туку со јасна цел, да се заштитат криминалот и корупцијата.


