fbpx

Заев: Најавуваме ново време, парите кај граѓаните!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Со огромна поддршка и енергија во Куманово беше пречекан претседателот на СДСМ, Зоран Заев каде ја отвори првата од серијата трибини посветени на мерките во Програмата на СДСМ.

-Јавно упатувам порака, СДСМ е подготвен за избори на 5 јуни, на коишто сме убедени дека промените ќе се случат. Народот е охрабрен, рејтинзите се променети, Македонија е подготвена за промени. Но на Македонија не и е прва цел опозицијата да ја промени власта. Прва, неприкосновена цел се кредибилни избори за кредибилна, добра иднина на сите граѓани во Р.Македонија. Затоа, остануваме тврдокорни на процесот, главни заштитници на фер, регуларни и демократски избори, преку прочистување на Избирачкиот список и регулација на медиумите, порача на почетокот претседателот Заев.

Трибината со граѓаните во најголем дел беше посветена на економијата и надминување на сиромаштијата, најголемиот проблем во државата и тоа на што во најголем дел се темели Програмата на СДСМ.

-Најавуваме ново време! Некој да ги троши сите пари на криминални проекти, за провизии поголеми од стотици милиони евра, тоа време заврши! Гаранција на новото време е процесот што го отвори опозицијата. Со него имаме шанса да изградиме нормална земја, каде ќе владеат критериуми, нормативи и принципи. Ќе добие секој човек фер шанса. Веруваме дека ќе има иднина во Р.Македонија, ако народот има пари. Не може да има иднина државата со сиромашен народ. Затоа сите правци, финансиски и економски политики, ќе бидат кон граѓаните и столбот на државата, а тоа е семејството. Ќе го јакнеме буџетот на секое семејство, рече претседателот Заев.

Претседателот Заев и претседателот на Комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски објаснија повеќе мерки од Програмата што ќе обезбедат на граѓаните достоинствен живот.

-Што и да потрошиме, на секоја сметка има пресметан ДДВ од 15 проценти. Тие 15 проценти ќе ги враќаме кон граѓаните. На секои три месеци граѓаните ќе можат да повратат ДДВ. Преку 20 – 50 милиони евра годишно ќе инвестира државата во зајакнување на домашните капацитети и отворање нови производствени капацитети, најави претседателот Заев.

-Директно ќе ги поддржиме со пари домашните мали и средни претпријатија во државата кои ќе создаваат нови работни места, рече Тевдовски.

Претседателот на Комисијата за одбрана, Максим Димитриевски соопшти дека СДСМ во Програмата се обврзува на деполитизирање на АРМ и полицијата. Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Едмонд Адеми порача дека СДСМ со граѓаните ќе гради едно општество за сите, бидејки
“добрите односи меѓу заедниците се основа за стабилност и развој“.

На трибината граѓаните добиваа одговор на актуелни прашања.
“Како ќе ги задржиме младите“, праша млада жена која очекува да стане мајка.
-Една од мерките што ќе ги спроведеме е Младинска гаранција. Ќе одвојуваме за младинските политики 40 милиони евра на годишно ниво. Ќе ги насочиме сите политики младите да останат дома, во својата родена земја, рече претседателот Заев.
“Дали ќе се реши егзистенцијата на 4.000 стечајци, кои се на улица?“, беше едно од прашањата.
-На првата седница по промената на власта, новата Влада предводена од СДСМ ќе го укине екстерното тестирање, но ќе го донесе и законот за стечајците, преку којшто ќе им се обезбеди надоместок до пензионирање или шанса за работа, најави претседателот Заев.

“Овде се слободомислечки луѓе кои ве поддржуваат, да се сплотиме, овој клептомански режим засекогаш да замине“ коментираше еден граѓанин.

-Ве повикувам, како што сте во оваа полна сала исправени пред камерите, да продолжите со кренато чело, заедно, да го охрабруваме овој наш народ. Гледајки ве вас овде, ќе водам се додека Македонија не биде земја за почит и респект од сите наши граѓани и од светот, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев на трибината во Куманово.

 

 

 

Последни вести