Прес конференција на СДСМ, Андреј Жерновски – член на ИО
Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор на СДСМ, денеска на прес-конференција остро реагираше за погрешните политики на Владата на Мицкоски кои резултираа со одлука за суспендирање на обработката на визи за македонските граѓани од страна на САД.
„Мицкоски го надмина Груевски и за жал ја стави целата држава на црната листа на САД“, рече Жерновски.
Тој потенцираше дека „одлуката на САД да ја суспендираат обработката на визи за македонските граѓани не е техничка пауза, туку политички сигнал, предупредување“.
„САД внимателно ја следат состојбата во земјата и ова е јасен сигнал дека гледаат проблем, дека нешто не е во ред“, истакна Жерновски.
„Толку од периметарот на Мицкоски, митот кој се обидуваше да го создаде пропадна. Неговите „одлични, специјални односи“ со САД се толку добри што завршивме во периметарот на Сомалија и како ‘трет свет’“, рече Жерновски.
Тој повлече дека „Македонија ја плаќа цената на погрешните политики на Мицкоски кои водат кон затворање, кон изолација на земјата“. Жерновски нагласи дека „тоа ја зголемува недовербата на граѓаните во институциите“ и дека „недостигот од економска перспектива за луѓето ги тера младите да заминуваат, да се иселуваат затоа што не гледаат иднина дома“.
Тој посочи дека „САД испраќаат порака дека не се задоволни од капацитетот на државата, дека постои недоверба во институциите и дека очекуваат реформи кои не се спроведуваат“.
„СДСМ подолго време укажува дека политиките на изолација на оваа тендер коалиција ВМРО-ЗНАМ го загрозуваат стратешкото партнерство со САД и процесот на интеграција во ЕУ“, потенцираше Жерновски.
Тој истакна и дека „надворешната политика на владата се сведува на активностите на најблискиот соработник на Мицкоски, Иван Стоилковиќ со ноќните волци блиски до Путин“.
Жерновски предупреди дека „овие денови гласни се дипломати од времето на ВМРО-ДПМНЕ, таканаречени експерти и помали сателит-партии кои ги напаѓаат Соединетите Американски Држави и дури тврдат дека немаме стратешко партнерство“.
„Паралелно, власта спроведува и активна анти-ЕУ кампања. Наместо реформи, намерно се продуцираат судири со Грција и Бугарија, затворени прашања повторно се отвораат, за да се оправда изолацијата“, рече Жерновски.
На крајот, тој заклучи дека „мерката на САД е дипломатски сигнал, политички аларм и индикатор за тоа каде реално се наоѓа државата на меѓународната мапа“.
„СДСМ ќе продолжи јасно и гласно да ја разоткрива оваа опасна агенда на власта и да се бори против политиките на изолација и загрозување на стратешкото партнерство со САД“, порача Жерновски.


