Филипче: Низ историјата кога и да се спуштел мрак, СДСМ бил факелот кој води кон излезот!

Facebook
Twitter
LinkedIn

Обраќање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче

Почитувани делегати, почитувани ценети гости од другите политички партии, од поканетите меѓународни организации, почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани, дами и господа, другарки и другари.

Добредојдовте на Конгресот на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија.

Почитувани присутни, погледнете околу себе. Погледнете го човекот до вас. Ако некој ве праша зошто денес сте тука, во ова време невреме, не одговарајте дека сте тука поради партиска книшка. Не велете дека сте тука поради некоја функција или интерес. Кажете ја вистината што ја чувствуваме длабоко во градите – тука сме затоа што да се биде СДСМ никогаш не било само политичка определба.

Затоа што СДСМ е партија на борбата и на одлуките. Партија која знае како се води држава кога е најтешко. Кога другите се кријат, ние преземаме одговорност. Кога другите викаат, ние решаваме. Тоа е историски завет. СДСМ е идеја – Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и народот.

Ние не сме партија создадена од гнев. Ние сме партија создадена од идејата за слобода. Нашите корени се длабоко во темелите на Крушево и во столбовите на АСНОМ. Ние сме директни наследници на оние кои во 1944 година, на урнатините од војната, имаа храброст да кажат: „Тука ќе има држава“. Таа државотворност тече во вените на секој еден од нас.

Црвената боја на нашите знамиња не е само декор. Таа е потсетник на тежината што ја носиме на рамената – да ја чуваме републиката тогаш кога другите сакаат да ја продадат, да ја поделат, да ја изолираат и да ја ограбат. Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е имунолошкиот одбранбен систем на оваа држава.

Кога национализмот ќе почне да го јаде ткивото на општеството – ние сме лекот. Кога омразата ќе се обиде да нè скара сосед со сосед – ние сме врзното ткиво. Кога режимот ќе се обиде да ја замолчи слободната мисла – ние сме гласот што грми. Низ историјата, кога и да се спуштал мрак, кога и да владеел страв, СДСМ бил факелот што го покажувал патот кон излезот. Така беше во 90-тите, така беше во 2016 година, и така ќе биде и сега.

Другите ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом. И затоа денес не стојам тука само како претседател на партија, туку како човек кој со загриженост гледа како се спушта тешка оловна завеса над нашата татковина. Се враќаат духови од минатото за кои мислевме дека се победени.

Ако ние, наследниците на партизаните, државниците и визионерите, не ја кренеме таа завеса, никој друг нема да го стори тоа. Ова е собир за спас на македонското достоинство и за одбрана на она што е наше. Дали сме подготвени да ја прифатиме таа битка?

Погледнете што се случува надвор. Погледнете ја реалноста – не онаа од лажниот ПР на владата, туку онаа од фрижидерот на работникот. Што ни донесоа овие речиси две години власт? Ни донесоа брутално отрезнување. Ветија гордост, а донесоа питачки стап. Ветија реформи, а донесоа грабеж од епски размери – тендери за блиски луѓе и ограбување на европски пари.
Ова не е само неспособност. Кога не се чисти снег или ѓубре во Скопје – тоа е неспособност.

Но кога се креира буџет за 2026 година со дупка од 2 милијарди евра и се оди кон ново задолжување, тоа не е грешка. Тоа е осмислен грабеж на државата. Финансиско злосторство против иднината на децата.

Тие пари не исчезнуваат. Тие завршуваат во џебовите на олигархијата, додека граѓаните ја плаќаат сметката преку инфлација. Потрошувачката кошничка е поскапа од злато. Цените дивеат, затоа што се штитат профитерите, а не граѓаните. Поскапи се струјата и парното, а нè убедуваат дека сме четврта економија во Европа. Дали некој се чувствува така?

Додека народот се бори за корка леб, премиерот е на туризам. Македонија е во дипломатска изолација. Европскиот пат е блокиран. Европа не нè отпиша, но оваа власт нè извади од игра. Наместо европска држава, станавме изолирана територија без план и визија.

Се подготвуваат и опасни сценарија – Македонија да стане тампон зона за мигранти од Западна Европа, само за кредити и политички поени. Тоа е предавство на безбедноста и иднината на нашите деца.

Се создава оска Србија–Унгарија, се води антиевропска политика, се штитат интереси на авторитарни режими и се работи на разнебитување на СДСМ преку контролирана опозиција. Но порачувам јасно: тоа нема да успее. СДСМ нема да биде контролирана опозиција.

Критиката не е доволна. Потребна ни е визија. Ние нудиме економија на достоинство – модел во кој човекот е во центарот. Повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, достоинствени пензии. Не минимална, туку достоинствена плата за живот.

За младите – држава која нуди дигитални можности, а не иселување. За пензионерите – сигурен раст на пензиите. За работниците – заштита од самоволие. Ни треба социјална држава, а таа може да ја обезбеди само СДСМ.

Ние се бориме за Европска Македонија: реформирано судство, функционални институции, болници со достоинство и училишта што создаваат слободни умови. Тоа е социјалдемократијата на 21 век – грижа, солидарност и човечност.

За да го победиме злото надвор, мора да бидеме силни внатре. Вратите на СДСМ се отворени за секој чесен човек. Но нема место за тројански коњи, за оние што седат на две столици и работат за власта. Или сме заедно во оваа битка, или не сме ништо.

Нема седење дома. Одиме на терен, во секој град и секое село. Не да молиме за гласови, туку да ја разбудиме Македонија. Да им ја кажеме вистината на луѓето. Да им кажеме дека не се сами.
СДСМ се разбуди. А кога СДСМ е буден, тираните не спијат мирно. Пред нас е праведна борба – со знаење, честност и срце.

Затоа што иднината нема да ни биде подарена. Ќе ја освоиме заедно. Од овој момент надежта има име – СДСМ.

Да живее Социјалдемократскиот сојуз на Македонија!

Да живее Македонија!