Обраќање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче на Националниот совет за евроинтеграции
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница на Националниот Совет за евроинтеграции, предупреди на сериозни безбедносни и политички импликации од отвореното проруско делување на дел од власта, посочувајќи дека ваквите постапки ја носат државата на маргините на Европската Унија.
„Отворено изразување на проруските ставови, на внимавајте, вицепремиерот на нашата влада којшто присуствува на состаноци со луѓе блиски до Путин, тоа не го крие, тие ставови не се не се кријат. Дали во тој контекст може или не да се носи и неговата изјава дека Европа треба да размислува да ние влеземе заедно со замислете Србија какво е тоа спарување и врз која основа тоа го кажува вицепремиерот Стоиљковиќ е една голема дилема“, изјави Филипче.
Тој додаде дека ова веќе не е прашање само на евроинтеграциите, туку и на пошироки политички и безбедносни последици за регионот.
„Нешто што навистина сметам дека веќе не допира само во аспектите на проширувањето на Европската Унија, во политичките контексти но и во безбедносните контексти на целиот овој регион“, рече Филипче.
На седницата, Филипче предупреди и на зголеменото проруско влијание и сомнителниот капитал што влегува во земјата.
„Намерно, сме ставени на маргините на Европската Унија, отворено проруско влијание. Сомнителниот капитал којшто влегол во земјава, којшто е одбиен од земји членки на Европската Унија, големо прашање, зошто е дозволен таков влез од страна на гувернерот на владата, на Алта банка од Србија, сомнителен капитал со сомнително потекло.Се обиделе да влезат во земја членка на Европска Унија и биле одбиени, а оваа власт тука широко им ги отвори вратите “, посочи Филипче.


