Соопштение за јавност
Власта на Никола Груевски е фатена во финансиски малверзации со увозот на струја и во криминали во енергетиката.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, кој е од редовите на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Кратово од вчера молчи – за чии интереси дозволува граѓаните на Македонија да плаќаат поскапа увезена струја за неверојатни 41,7 проценти?!
На регионалните берзи цената на струјата е за 20 евра за мегават час поефтина, од струјата што се увезува во земјава.
Ставрески, Пешевски и Груевски ги сотреа граѓаните со нивните штетни и криминални политики.
Кумот Ставрески и кумашинот Груевски во драмолетката што ја нарекоа отчет длабоко се заплеткаа во сопствените лаги за енергетиката, во немоќ да ги објаснат катастрофалните последици што се одразуваат со скапа струја за граѓаните.
Ставрески и Груевски не кажаа дека за време на нивното 10-годишно владеење граѓаните плаќаат повисока струја за 100 проценти!
Фактите говорат дека во Македонија дури 40 проценти од електричната енергија се обезбедува преку скап увоз на струја, што автоматски ги качува сметките за струја.
Груевски и Ставрески немаат одговор зошто и по 10 години Македонија не е гасифицирана, кога гасот освен што е еколошки енергенс, е и поефтин и ќе им помогнеше во сиромаштијата во којашто тонат.
Граѓаните слушнаа оправдување дека во гасоводната мрежа имало само една недоизградена делница, од Клечовце до Штип во должина од 61 километар. Нема одговор зошто делницата и по цели 10 години не е изградена!
Друго и важно прашање е огромната сума пари што ја влече власта на Груевски за оваа делница, што ќе ги чини граѓаните неверојатни 75.7 милиони долари! Тоа значи дека за еден километар граѓаните ќе платат плафонски 1.24 милион долари!
Груевски само се издаде дека нелогично, го планирал најскапиот гасовод во светот.
А кумот Ставрески го издаде кумашинот Груевски во очигледните малверзации што ги прават.
Ставрески најави нова делница Неготино – Кавадарци – Битола во должина од 92 километра, што би чинела половина од цената за делницата Клечовце – Штип, или 400.000 евра по километар.
Како е можно делницата Клечовце – Штип којашто е за 30 километри пократка од делницата Неготино – Кавадарци – Битола да чини двојно повеќе?
И како е можно за делницата Клечовце – Штип којашто поминува низ релативно благ терен километар да чини над 1 милион долари, а за делницата Неготино – Кавадарци -Битола којашто е подолга и потешка за изработка поради лошиот терен, изведбата по километар да чини 400.000 евра?
Кумашинот и кумот сами си ги разоткрија криминалите што ги прават во енергетиката.
Поради тендер политиките на власта на Груевски, Македонија увезува скапа струја, енергетските капацитети во Македонија се неискористени, а освен жителите на Струмица и на Куманово кои користат евтин гас, граѓаните во Македонија плаќаат скапи енергенси.
Како што го донесе гасот во Струмица и Куманово, СДСМ во Програмата предвидува енергетски политики што ќе обезбедат стабилен енергетски систем и поефтина струја и енергенси за сите граѓани во државата.
Крајот на криминалните политики на власта на Груевски е дојден, промените почнаа и граѓаните на фер избори ќе изберат одговорна Влада што ќе ја предводи СДСМ и којашто ќе се грижи за нив и нивните интереси.
Скопје, 22.03.2016
ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ СО ЈАВНОСТА
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ НА МАКЕДОНИЈА