Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната средба со земјоделци производители на зимска зелка, во валандовско Јосифово, порача дека СДСМ во наредниот период ќе предложи предлог во Собранието за надминување на проблемот со откупот на зимската зелка.
„Свесни сме дека оваа власт нема да има слух да им помогне на овие земјоделци, како што немаше слух за лозарите, за грозјето. Во текот на следните недели ќе дадеме предлог во Собранието, да се постигне соодветна откупна цена на зимската зелка, поради тоа што овие земјоделци издржуваат семејства, тие сега практично се соочени со егзистенцијални проблеми“, рече Филипче.
Тој додаде дека земјоделците се соочуваат со сериозен проблем со откупот на зимската зелка, откупната цена е драстично намалена, а власта нема слух да им помогне.
„Земјоделците имаат огромен проблем со откупот на зимската зелка. Тие укажаа дека откупната цена на зимската зелка која што во времето на владата на СДСМ по килограм била помеѓу 25 и 30 денари, сега е срамни 6 до 8 денари, помалку и од производната цена на килограм зелка.
Луѓето нема што да прават, нивните апели никој не ги слуша. Немаат пристап до Владата, немаат пристап до Министерството за земјоделство“, рече Филипче.









