Соопштение за јавност
Сите земјоделски гранки се соочуваат со сериозни проблеми, власта ги понижи и измами земјоделците, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната средба со земјоделците производители на зимска зелка во валандовско Јосифово.
Филипче посочи дека проблемите со откупот и цената на производителите на зелка, се дел од низата проблеми со кои сите земјоделци се соочуваат поради незаинтересираноста на власта за поддршка и развој на земјоделството.
„Ова е само еден од сегментите од практично сите во земјоделството кои што се сочуваат со огромни проблеми. Не беше решен проблемот со откупот на грозјето се намали цената по килограм, се скратија европските пари поради тоа што оваа власт беше фатена во кражба на европските фондови, се намалија парите за субвенции и тоа и за тутун и за други продукти во земјоделството“, рече Филипче.
Тој додаде дека дополнителен удар за земјоделците покрај намалувањето на субвенциите се и новите правила за добивање државна поддршка.
„Се најавува закон и нови правилници со кои што се зголемува прагот на земја која што земјоделците треба да имаат за да воопшто аплицираат за субвенција од 3 на 5 декари, а над 80% барем во овој регион се мали земјоделци. Тие воопшто нема да може да аплицираат за субвенции“, рече Филипче.



