Филипче: Мицкоски вели работниците не мораат да одат на одмор, следно ќе каже не мораат да јадат

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во интервјуто за неделникот Фокус, посочи дека премиерот Мицкоски наместо да им помогне на граѓаните со конкретни мерки во овој период на ценовни шокови, тој им држи лекции како да живеат, само за да не ја покачи минималната плата.

„Погледнете ги цените во маркетите, погледнете ја цената на струјата. Енормно поскапеа горивата.Што да прават луѓето? Мицкоски вели не мора да одат на одмор. Следно ќе каже не мора ниту да јадат.Ќе ве потсетам дека рече за луѓето што работат во државната администрација дека се одлично платени колку што работат. Тој ќе проценува колку кој работи, па тој ќе одредува кој колкава плата може да добие“, рече Филипче.

Во интервјуто, Филипче порача дека власта мора да скрати од својот луксуз, бидејќи во буџетот има ставки од каде што може да се обезбедат пари за 600 минимална плата.

„Мора да се скрати од луксузот на функционерите, од опремувањето канцеларии и купувањето мебел. Не може да има за нов авион за туристички патувања, во Сплит на море, Будимпешта и Белград кај нивните шефови, а работниците да немаат за леб. Не оди. Единствената дисторзија е во нивниот луксуз и во нивните џебови! Никаде повеќе. Ние дадовме конкретен предлог како со сегашниот буџет да се дојде до минимална плата од 600 евра за работниците, но и за работодавачите да не бидат оштетени, туку напротив, двете страни да бидат задоволни. Владата го одби предлог-законот“, рече Филипче.