На денешната седница за пратенички прашања, пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, во отсуство на министерот за спорт Борко Ристовски, упати прашање до заменик министерката Сафије Садики Шаини, во кое побара одговор за намалената буџетска поддршка, критериумите за распределба на средствата и транспарентноста во одлучувањето за субвенции кон федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти.
Лукаревска посочи дека поради намалената поддршка поддршка спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти се соочуваат со предизвици кои можат да ја загрозат нивната работа и постигнувањата.
Во продолжение е интегралното обраќање на Лукаревска:
Во изминатиот период, јавноста слушна многу најави за зголемена поддршка на спортот, но реалноста на терен покажува сосема поинаква слика. Наместо конкретни инвестиции и подобрување на условите за спортистите, се забележува сериозен пад на поддршката која е неопходна за развој на спортот. Спортските федерации, клубови и индивидуални спортисти се соочуваат со предизвици кои можат да ја загрозат нивната работа и постигнувањата.
Во изминатиот период слушнавме многу најави за поголема поддршка на спортот. Но, фактите на терен покажуваат сосема поинаква слика. Наместо нови инвестиции, наместо развој на спортската инфраструктура и поголема поддршка за спортистите, гледаме дека во изминатиот период речиси ништо суштински не е инвестирано во спортот, а она што најмногу ги погодува федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти е токму намалувањето на средствата за субвенции.
Спортот не е само натпревар и освоени медали, тој е национален интерес, инвестиција во младите и во здраво општество. Но, за жал, она што денес го гледаме е дека спортот во државата се соочува со сериозен пад на институционалната поддршка.
Во периодот на Владата на СДСМ, буџетската поддршка за спортот, т.е. субвенциите за спортските федерации, клубови и индивидуалните спортисти, беше значително зголемена и достигна околу 10 милиони евра. Во јавноста најавивте дека ќе следи дополнително зголемување на оваа поддршка и дека средствата ќе достигнат 15 милиони евра.
Но, гледаме спротивен тренд. Наместо зголемување, средствата за субвенции се намалени за речиси половина, што сериозно ја доведува во прашање можноста на федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти да функционираат нормално, да организираат подготовки, да учествуваат на меѓународни натпревари и да постигнуваат резултати.
Во Буџетот за 2026 година, кај Министерството за спорт, помалку средства има: 18,9% помалку за спортски објекти, 67 милиони денари помалку за субвенции во спортот и дури 91% помалку средства за инфраструктурни проекти во општините. И во ребалансот за 2025 имаше намалување кај субвенциите од областа на спортот од 24 милиони денари.
Дополнително, според објавените информации за програмата за субвенции во спортот, за 2025 година преку Министерството за спорт се распределуваат околу 440 милиони денари, а за 2026 година 100 милиони помалку, односно 348 милиони денари.
Дилемата е дали овие средства се доволни и дали се во согласност со ветувањата за значително зголемување на поддршката на спортот.
Јавноста мора да знае врз основа на кои конкретни критериуми и по кој бодовен систем како министерство ја утврдувате висината на средствата кои ги добиваат спортските федерации, клубови и индивидуалните спортисти.
Ќе беше добро да се организира соодветна јавна трибина, некоја форма на консултативен процес со сите засегнати страни, со цел заеднички да се избере најдобриот модел за распределба на средствата и да се воспостави еден транспарентен систем. Бидејќи на веб-страницата на министерството не гледаме Правилник, Одлука или било каков друг акт за целата оваа постапка.
Моето прашање е дали постои јавно објавена методологија за распределба на средствата и каде може да ја најдеме листата на доделени субвенции кон федерациите, клубовите и индивидуалните спортисти со јасни индикатори како спортски резултати, масовност на спортот, работа со млади категории, меѓународни успеси и рангирања.



