Соопштение за јавност
-Сведоци сме како цените на храната растат секој ден. Нема никаква интервенција ниту мерка од владата, се е поскапено, а граѓаните секојдневно реагираат, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинарите.
Тој ја обвини Владата дека не презема навремени мерки за да го спречи растот на трошоците за граѓаните, а последиците оваа неспособност се видливи секојдневно и директно ги погодуваат семејните буџети.
„Зејтинот е поскапен до 118 денари, кафето од 12 до 140 денари, мелено месо од 730 до 830 денари, пилешко месо над 400 денари, една кутија од 10 јајца над 110 денари. Покачени се цени на зеленчук, овошје и пиперки достигнаа цени до 300 денари, домати над 200 денари. За само три месеци новиот раст на цените е за 2.500 денари, покажуваат официјалните податоци на Сојузот за синдикати“, рече Филипче.
Тој нагласи дека вредноста на минималната синдикална кошничка изнесува 68.000 денари, што е значително надвор од досегашните примања на граѓаните.
„Со овие цени, луѓето не можат да преживеат, а премиерот и владата очигледно немаат контакт со реалноста, одлепени се од реалноста“, додаде Филипче.
Претседателот на СДСМ истакна дека предложените мерки за намалување на ДДВ-то на горивата се недоволни и дека е потребно итно прифаќање на дополнителни економски мерки.
„Не само намалување на ДДВ-то на горивата од 18 на 5%, туку и намалување од 5 на 0% на ДДВ-то на основните прехранбени производи, преполовување на патарините и намалување на акцизите за четири денари по литар гориво, затоа што само така граѓаните ќе осетат вистинско намалување на цените на горивата“, потенцира Филипче.
Претседателот Филипче остро ја критикуваше Владата за задоцнети мерки.
„Владата задоцни, не почна на навреме, ланецот на поскапување започна. Спиралата започна, сè се вивна како резултат на ненавременото реагирање на владата. Со овие мерки кои ги предлагаат, односно со оваа единствена мерка, ништо нема да се смени. Компаниите кои имаат поврат на ДДВ од горивата ова нема да го почувствуваат никако, граѓаните не гледаат намалување на горивата, само се зголемуваат, а буџетот продолжува да се полни, што значи дека владата си го задржува правото на луксузирање“, заклучи Филипче.



