Соопштение за јавност
Христијан Мицкоски денеска го потврди предавството на македонските национални интереси, што значи дека нема да се направат реформи и дека Македонија ќе остане изолирана од Европската унија, додека Црна Гора и Албанија бележат прогрес во преговорите, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг.
„Ако сега не се направи чекор, ризикуваме да го изгубиме моментот на проширување. Има прогрес во преговорите, Црна Гора и Албанија бележат напредок. Очигледно е дека поради геостратешки интерес на Европската унија, вратата е ширум отворена. Не знаеме дали, ако ја пропуштиме оваа шанса, утре или во 2027 година условите ќе бидат исти како сега или дали воопшто ќе имаме можност да направиме чекор кон Европската унија“, рече Филипче.
Тој нагласи дека интеграцијата во ЕУ со македонски јазик и идентитет не е прашање на Бугарија, туку прашање на Европската унија. Внесувањето на малцинствата во уставот не е само внесување на Бугарите, туку и на други малцинства.
„Со тој чекор, кој не претставува никаков ризик за нашиот национален идентитет, култура и јазик, ги остваруваме националните интереси за долгорочно членство во Европската унија и интеграција со македонски јазик и идентитет“, додаде Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека власта прави намерен обид да се онеспособи остварувањето на стратешката цел за интеграција, додека истовремено се саботира фундаменталниот интерес за евроатланска заедница и брза интеграција на Северна Македонија во Европската унија.
