Филипче: Законот за високо образование ќе предизвика егзодус

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Предлог-законот за високо образование, доколку се донесе во оваа форма, ќе предизвика сериозни штети врз образовниот и научниот систем и ќе доведе до масовен одлив на млади кадри од државата – предупреди претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче истакна дека СДСМ нема да го поддржи законот во сегашната форма, но активно ќе учествува во дебатата со конкретни амандмани за негово подобрување.

„Забелешките се многу сериозни. Не може да се дозволи професори да се префрлаат од една институција во друга по волја на министерот. Такво решение не постои никаде во светот и директно ја руши автономијата на универзитетите“, потенцираше Филипче.

Дополнително,законот наметнува нереални и неприменливи критериуми за научна работа.
„Се бара објавување трудови во списанија со висок импакт фактор, а државата нема обезбедено ниту финансиски, ниту инфраструктурни услови за тоа. Немаме лаборатории, немаме ресурси, немаме систем што може да ги поддржи тие стандарди“, нагласи Филипче.

Тој посочи дека ваквите решенија наместо да ја унапредат науката, ќе ја блокираат и ќе ги демотивираат младите.

„На младите им се поставуваат услови кои се практично невозможни. Дополнително, тие треба сами да ги плаќаат трошоците за објавување трудови, кои достигнуваат и до неколку месечни плати. Тоа е директен удар врз идните научници и професори“, рече Филипче.

Особено проблематично, како што истакна, е тоа што се воведуваат исти критериуми за сите научни области.

„Не може исти правила да важат за природни, технички и општествени науки. Тоа покажува дека законот е направен без разбирање на научниот систем“, додаде тој.

Филипче предупреди дека ваквите политики ќе резултираат со нов бран на иселување на младите.

„После ова, сметајте дека ќе има егзодус. Веќе има реакции од младите лекари, од академската заедница. Луѓето нема да останат во систем кој не им дава шанса“, истакна претседателот Венко Филипче.