Соопштение за јавност
Мерките кои што сега се предлагаат апсолутно немаат никаков ефект, граѓаните не ги чувствуваат, нагласи претседателот на СДСМ и пратеник, д-р Венко Филипче, на денешната собраниска седница за пратенички прашања од опозицијата. Филипче посочи дека уште на почетокот на кризата СДСМ предупредуваше дека растот на цените на нафтата ќе предизвика поширок бран на поскапувања, но владата не реагираше навремено, а сегашните мерки немаат никаков ефект врз заштитата на стандардот на граѓаните.
„Се случуваат работи кои што беа очекувани и на кои што предупредуваа експерти, аналитичари. Растот на цената на нафтата ќе влијае на раст на сите други продукти, цени кои што се во директна или индиректна корелација. Апелиравме Владата да преземе навремено мерки за да не се случи да започне спиралата на зголемување на цените на останатите продукти. За жал тогаш во првите денови на кризата Владата не реагираше никако. Предупредувавме дека ќе пораснат цените на храната, на транспортот, останатите услуги и токму тоа сега се случува“, рече Филипче.
Тој укажа дека граѓаните веќе ги чувствуваат последиците од ценовните шокови, драстично се поскапени основните производи и горивата, а власта одби да ја покачи минималната плата на 600 евра.
„Поскапена е храната, основните прехранбени продукти за 5 до 10% лебот, маслото, шеќерот, солта, основните месни, млечни производи, за над 200 до 300% се поскапени овошјето и зеленчукот. Во еден претходен период, во текот на јануари-февруари го одбивте предлог Законот да порасне минималната плата на 600 евра, што беше барање на работниците и на синдикатите. Имено и тогаш граѓаните, работниците се соочуваа практично со егзистенцијални проблеми, а не сега кога цената на горивата се зголеми за близу 40%“, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче посочи дека нелогични се споредбите кои што ги прави премиерот Мицкоски со цените во регионот, без да се земе предвид животниот стандард во регионот и во Македонија.
„Ќе кажете имаме најниски цени во регионот. Меѓутоа една Хрватска и Словенија имаат слични цени на горивата како кај нас. За стандардот да не зборуваме. Таму минималната плата не е 400 евра, таму 1.000 односно 1.500 евра. Така што кога кажуваме колкави се некои цени мораме да водиме сметка какви се и платите и каков е и стандардот на граѓаните“, рече Филипче.



