Филипче: Корупцијата и кражбата на народните пари се гориво за авторитарните режими

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Корупцијата и кражбата на народните пари се гориво за авторитарните режими, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на прес-конференцијата во рамки меѓународната конференција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Корчуланската висока политичка школа, на која беше промовирана „Скопската иницијатива“.

Филипче посочи дека токму корупцијата и злоупотребата на јавните средства се механизмите преку кои авторитарните режими ја одржуваат својата моќ и го кочат напредокот на државите и општествата.

„Искрено верувам дека во оваа форма, заеднички и многу посилни, ќе ги надминеме силите што нè држат во место, а кои како механизми и инструменти ги користат корупцијата и кражбата на народните пари. Токму тоа е горивото што им овозможува на овие авторитарни режими толку силно и моќно да владеат“, нагласи Филипче.

Тој додаде дека „Скопската иницијатива“ е регионална платформа за соработка меѓу сестринските партии и прогресивните сили во регионот и Европа, чии што основни столбови се борба против корупцијата и авторитарните режими, како и европска интеграција.

„Темелот на таа соработка е борбата против авторитарните режими, борбата против корупцијата и европската интеграција на нашиот регион – практично, сите исти предизвици со кои се соочуваме во регионот. Имено, соочени со слични или исти предизвици, а тоа се силите на регресијата кои доминираат кај нас во Македонија и во регионот, и кои не дозволуваат да го продолжиме патот на развојот, реформите и евроинтеграцијата, мораме заеднички да се справиме со нив, затоа што заедно сме посилни“, рече Филипче.