Цаневска-Арсовска до Ѓеорѓиевски: Каде завршија ветувањата за чисто Скопје и кој ги одобрува спорните директорски функции?

Facebook
Twitter
LinkedIn

На денешната седница на Советот на Град Скопје, советничката на СДСМ, Катерина Цаневска-Арсовска, упати три прашања до градоначалникот на Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, отворајќи повеќе сомнежи околу начинот на кој се водат клучни градски политики и институции.
Таа посочи три проблематични области: спорниот избор и политичката позадина на именувањето на Марјан Цветковски за директор на Фондацијата „Скопје – Европска престолнина 2028“, за кој побара објаснување за критериумите и транспарентноста на постапката; потоа, неисполнетите ветувања за брзо чистење на Скопје и контрадикторностите околу состојбата со комуналната хигиена, која, наместо подобрување, продолжува да предизвикува незадоволство кај граѓаните; и конечно, нетранспарентноста околу поништениот конкурс за директор на Универзална сала, како и прашањата за нејзиното функционирање, финансирање и кадровски решенија во услови на нереконструиран објект.

Во продолжение интегрален текст на советничката на СДСМ, Катерина Цаневска-Арсовска:

Вечниот директор на Македонската радио-телевизија, кој конечно беше сменет од функцијата, Марјан Цветковски, како „награда“ за 14-годишното разнебитување на Македонската радио-телевизија, е назначен за директор на Фондацијата „Скопје – Европска престолнина 2028“.
Тоа е човекот, да ве потсетам, којшто незаконски седеше во директорската фотелја неколку мандати, од непознати причини, бидејќи Советот не можеше да се состане, немаше единство, но тој упорно продолжуваше да остане на функцијата.
Инаку, неговото раководење со Македонската радио-телевизија го одбележаа неколку работи. Прво, ја претвори Македонската радио-телевизија во огласна табла на Владата. Потоа си донесе свои, партиски блиски луѓе и секој месец наградуваше одредени лица, за што реагираа многу од вработените, бидејќи редовно добиваа варијабили. Само одредени луѓе одеа на патувања. Потоа, ревизорските извештаи за работењето на Македонската радио-телевизија, како јавен сервис, беа редовно негативни.
Моето прашање е: зошто Марјан Цветковски заслужи да биде директор на Фондацијата „Скопје – Европска престолнина на културата“, која не само што ќе раководи со фондацијата, туку ќе се грижи и за распределбата на средствата? И како е направен изборот на овој човек за директор на оваа значајна фондација?
Значи, од директор на Македонската радио-телевизија конечно беше сменет, а сега е директор на оваа фондација. Колку што прочитав утринава, неговиот избор е потврден од надлежните во Град Скопје, не знам само од кого.

Тоа е првото прашање.

Второто прашање е: навистина конечно дочекавме Скопје да „мириса на ветениот шампон“, туку не на автентичен, туку на добро создадена депонија.
Се сеќавате на едно епско ветување дека Скопје ќе се исчисти за 72 часа. Изгледа дека целата стратегија за комунална хигиена во Скопје се сведува на еден збор: маркетинг. Сè е добро осмислено, спакувано во убав целофан и споделено за лајкови. Граѓаните не плаќаат сметки за да гледаат ПР-приказни. Кога ќе се тргнат камерите, дроновите и ПР-објавите, останува вистината: Скопје е почитуван и нечист град.

На последната прес-конференција слушнавме дека вистинско подобрување на состојбата се очекува од септември, кога треба да пристигнат 40 нови возила, дополнителна механизација и нови контејнери.
Ако системот навистина има потреба од овие возила, механизација и контејнери, тогаш врз основа на кои реални капацитети беше дадено ветувањето за „72 часа чисто Скопје“?
Моето советничко прашање гласи: колкав процент од ветените активности за чистење на Скопје во рок од 72 часа биле реално, а не маркетиншки реализирани?
Доколку денес официјално тврдите дека суштинското решавање на проблемот со отпадот зависи од возила, контејнери и нова механизација кои ќе пристигнат во септември, дали признавате дека ветувањето за „чисто Скопје за 72 часа“ било нереално поставено и дека граѓаните и ова лето ќе се „дават во смет и смрдеа“?

Третото прашање е во зоната на научната фантастика. Само тука, во Скопје, изгледа можеме да немаме зграда, да немаме институција, а да имаме директор.
Најновата епизода од оваа „комедија на апсурдот“ е вистината околу поништениот конкурс за директор на Универзална сала.
Во јавноста имаше различни информации околу поништениот оглас. Едната беше тврдењето дека конкурсот бил поништен бидејќи имало само еден кандидат со нецелосна документација. Од друга страна, пак, се појавија реакции од оние што се пријавиле на конкурсот, но биле одбиени.

Сето ова ја доведува во прашање транспарентноста на целата постапка.

Оттука, моето советничко прашање гласи: кои конкретни надлежности и работни обврски треба да ги извршува директорот на Универзална сала во период кога објектот е далеку од целосна реконструкција и не ја врши својата основна дејност?

Колку средства годишно се издвојуваат за функционирање на оваа институција во состојбата во која сега се наоѓа и дали Град Скопје разгледал или ќе разгледа можност Универзална сала привремено да биде ставена во мирување, а вработените да бидат распоредени во други јавни установи, согласно нивните квалификации и потребите на системот?
Дали, господине градоначалник, ќе ги објавите сите документи поврзани со поништениот конкурс за директор, со цел целосно и транспарентно да се отстранат сомнежите во јавноста и да се обезбеди вистинска транспарентност во постапката? И навистина, културата не се гради со конкурси и директори, туку со институции што функционираат.