Соопштение за јавност
Најголемото потфрлување во ветувањата на ВМРО има кај младите, за младите не е реализирана ниту една ветена мерка, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека младите, во изминатите две години не добија никаква поддршка од ВМРО.
„Најголемото потфрлување во ветувањата, освен во економија, земјоделство, во другите сектори, има кај младите. Што ветуваше Мицкоски по платформата 1198? Намалување на иселувањата, подобар животен стандард, задржување на младите, 70.000 работни места, поддршка за образование, домување, претприемништво и разноразни мерки Што е исполнето? Ништо. Буквално. Нема ниту една реализирана мерка за младите. Нема систем за грижа, едноставно младите се оставени сами на себе“, рече Филипче.
Тој додаде дека поради ваквиот однос на Владата младите ја бараат својата иднина надвор од државата, затоа што не гледаат перспектива дома.
„И затоа денес, секој втор млад човек размислува да напушти земјата. Не затоа што не ја сакаат татковината, туку затоа што не гледаат перспектива на татковината со оваа власт“, рече Филипче.
Притоа, Филипче нагласи дека наместо конкретни мерки за задржување на младите, Мицкоски уште кажува дека ако си заминат младите ќе ги замени со работници од трети земји, што јасно ја покажува целосната негрижа на власта за иднината на младите.
„И што е последната изјава на премиерот? Да, ќе се иселуваат младите и ќе се заменеле со економски работници од трети земји“, рече Филипче.



