Соопштение за јавност
Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, по две години од Владата на Христијан Мицкоски оцени дека најголемото разочарување од владеењето е токму економијата и животниот стандард, кои беа меѓу клучните ветувања пред изборите.
Филипче истакна дека наместо подобар живот, граѓаните денес живеат потешко, со повисоки трошоци и намалена куповна моќ.
„Денеска, наместо зголемен животен стандард, стандардот е намален во споредба од пред две години. Граѓаните живеат полошо и потешко, паричниците и фрижидерите се попразни“, порача Филипче.
Тој нагласи дека Владата ветувала повисок стандард, пониска инфлација, намален буџетски дефицит и повеќе инвестиции, но реалноста е сосема поинаква.
„Наместо зголемен стандард, работниците добија зголемена сиромаштија, сиромаштијата е зголемена за 22%. Наместо намален буџетски дефицит, буџетскиот дефицит е значително зголемен и тој е веќе потрошен во првата половина од оваа година“, истакна Филипче.
Дополнителен показател за економскиот неуспех е драматичниот пад на странските инвестиции.
„Наместо зголемување на странските инвестиции, странските инвестиции се намалени за скоро две третини. Вистината е практично поразителна со овие две години на власт“, рече Филипче.
Тој посочи дека Македонија денес се соочува со најнизок животен стандард во регионот, додека цените на храната и основните производи продолжуваат да растат.
„Инфлацијата од 4,8% е скоро дупло поголема од тоа што го предвидуваа во нивната предизборна платформа. Храната е скапа, на годишно ниво поскапувањето е околу 10%“, нагласи Филипче.
Филипче додаде дека Владата не презела никакви ефикасни мерки за заштита на животниот стандард и дека денес на едно просечно семејство му се потребни и до 90.000 денари месечно за да ги покрие реалните трошоци за живот.
„За 600 евра минимална плата тој не сака да слушне“, порача Филипче, оценувајќи дека Владата целосно потфрлила во исполнувањето на своите економски ветувања.



