Соопштение за јавност
ВМРО ветуваше европска иднина, а за две години донесе изолација, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче посочи дека по две години од Влада на ВМРО, наместо напредок во евроинтеграциите и реформи, државата е заглавена, а европскиот пат е целосно блокиран.
„Што ветуваа за Европската иднина на земјата? Цитирам : Максимални напори за остварување на реален видлив напредок во евроинтеграциските процеси и полноправно членство во Европска Унија. Дијаметрално спротивно на сегашните изјави на премиерот. Понатаму, одложена примена на уставните измени ,брзо и квалитетно исполнување на реформските процеси и целосно прилагодување кон европското законодавство. Ништо од ова не исполнија“, рече Филипче.
Филипче посочи дека реалноста денес е спротивна на сè што ветуваше ВМРО, затоа што нема реформи, а законите што се носат не се во согласност со европските стандарди.
„Нема никакви реформи, има закони кои се носат во Собранието, кои не се по препораките на Европската Унија и Европа ги враќа назад. Нормално, тие луѓе не се наивни“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, посочи дека со ваквите политики Владата ја оттурнува државата од европската перспектива и ја води во сè подлабока изолација.
„Европскиот пат е целосно заглавен. Христијан Мицкоски ја води земјата во изолација, додека регионот оди напред. И тој излегува и кажува нема да се помрднеме ни чекор, проблемите ги оставаме да ги решаваат децата. “, рече Филипче.



