Филипче: Ништо нема од Реформската агенда, власта сака контрола на изборите

Facebook
Twitter
LinkedIn

Прес конференција на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска рече дека власта не исполни ништо од реформската агенда, дека предложениот Изборен законик не претставува реформа, туку обид на власта да воспостави контрола врз изборниот процес и да создаде услови за изборни манипулации.

„Овие три наши забелешки, ќе повторам, не се ниту европски, ниту демократски. Изговор е дека власта сака да го донесе овој закон само за да реализира што повеќе од Реформската агенда. Тоа не е точно. Тие сакаат да воспостават режим, сакаат да си отворат врата, можности и инструменти да го контролираат и злоупотребат изборниот процес“, порача Филипче.

Тој нагласи дека и самата Реформска агенда не се спроведува, иако токму таа се користи како оправдување за предложените законски измени.

„Изборниот закон е само изговор што го кажува власта дека е важен и дека треба да се спроведе Реформската агенда, која, патем, сега, и во грејс-периодот од една година, не е ниту половина исполнета од страна на Владата“, истакна Филипче.

Тој предупреди дека предложеното електронско гласање на дијаспората отвора сериозни ризици за злоупотреби.

„Прво, се предлага електронско гласање на дијаспората. Тоа значи без никаква проверка на луѓе за кои не знаеме каде се, кој ќе им го провери идентитетот. Едноставно, пред компјутер ќе може да гласаат и тоа ќе има еднаква вредност како гласањето во татковината. Тоа отвора ризик за масовно и неконтролирано гласање, исто како што беше тоа за време на владите на Никола Груевски. Тоа е систем кој е многу опасен, кој отвора врата за изборна манипулација и кражба од страна на оваа власт“, рече Филипче.

Дополнителен проблем е што начинот на електронското гласање не се уредува со закон, туку се остава на подзаконски акти.

„Се укажува дека ова електронско гласање на дијаспората треба со подзаконски акти да го утврди Државната изборна комисија, а не, како што е редот, тоа да биде утврдено со закон. Тоа е уште еден аргумент дека станува збор за иницијатива што отвора врата за сериозна манипулација и стартна предност на власта од неколку пратеници уште пред гласањето практично да се спроведе во државата“, нагласи Филипче.

Претседателот на СДСМ посочи дека со предложените измени се нарушува и тајноста на гласањето.

„Се уназадува почитувањето на тајноста на гласањето. За разлика од досега, кога се смета за важечко ливче само доколку е заокружен бројот пред името на кандидатот, односно партијата, сега се дозволува и поинакво означување за кого гласачот би гласал. Повторно контрола на изборниот процес, повторно воведување на режимот во делот на гласањето“, истакна Филипче.

Тој предупреди и на предложените ограничувања при поднесувањето приговори во изборниот процес.

„Оваа контрадикторност отвора простор мнозинството на власта во Државната изборна комисија да работи по нивно партиско убедување“, рече Филипче.

На крајот, Филипче најави дека СДСМ ќе го блокира предложениот закон во Собранието затоа што граѓаните заслужуваат фер и демократски изборен процес.

„Имајќи го сето ова предвид, ние овој закон во Собранието ќе го блокираме. Ваков закон не смее ова Собрание да го донесе. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат да имаат фер, демократски изборен процес, а не вака контролиран, како што Христијан Мицкоски тргнал да воспоставува по примерот на неговиот ментор, очигледно идол, Никола Груевски“, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.

Линк до видео: