Иднината на државата и на граѓаните е доведена во заложништво поради личната немоќ на Мицкоски да се справи со најважното прашање за државата – членството во Европската Унија, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче укажа дека ваквите погрешни политики на Владата на ВМРО ја носат државата само во изолација.
„Очигледно е дека сме заложници на личната немоќ на премиерот Мицкоски да се справи со ова најважно прашање за нашата иднина, за иднината на граѓаните на Македонија, а тоа е членството во Европската Унија. Заложници сме на неговата некапацитетност да изгради државна стратегија за тоа како ќе станеме земја-членка на Европската Унија. Заложници сме на лагите со кои тој дојде на власт и сега со истите лаги останува на власт. Тоа што не ни бега и што е очигледна иднина на оваа држава, која во овој момент ја води Христијан Мицкоски, е очигледната изолација“, рече Филипче.
Притоа, Филипче посочи дека во време кога постои силна поддршка за проширување на Европската Унија и кога вратите се отворени за земјите кандидати, Македонија останува на страна.
„За време на последната посета на еврокомисарката Марта Кос, која јасно, гласно, недвосмислено кажа дека треба Македонија јасно да каже дали останува на европскиот пат, очигледно е дека благодарение на премиерот Христијан Мицковски и ВМРО, ние на тој пат повеќе не сме. Наместо да се спроведуваат реформите, наместо да се чекори напред кон Европската Унија, сега, кога очигледно вратите се отворени како никогаш до сега, ние остануваме на страна“, рече Филипче.
Тој додаде дека со ваквите политики на Мицкоски државата се движи кон политичка и економска изолација.
„Остануваме под влијание на други земји кои немаат интерес регионот и Македонија да се интегрираат во Европа. Остануваме на страна од сите финансиски и економски текови кои, како поддршка, можат и доаѓаат од Европа за земјите што ги остваруваат реформите и се приклучуваат кон Европската Унија, како, на пример, Црна Гора, за која во следниот седумгодишен буџет на Европската Унија се предвидени над 3 милијарди евра неповратни средства, додека ние се задолжуваме во милијарди евра од непознати кинески извори, со кој знае колкави камати, кои ќе ги враќаат следните генерации“, рече Филипче.
Линк до видеото :


