Филипче: Нема нова технологија дома, а Мицкоски ќе правел технологија за гласање од надвор

Facebook
Twitter
LinkedIn

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција нагласи дека власта нема никаква стратегија за модернизација на државата, но затоа целосно се фокусира на манипулација со гласовите преку воведување нов модел за гласање на дијаспората.

„Многу е интересно тоа што гледате власта како одржува сè да биде вака, без никаков прогрес тука во државата. И нема никаков напредок во ниту еден сектор, во ниту една сфера во државата. Нема нова технологија во образованието, нема нова технологија во здравството. Видите каков хаос е во здравството. Не работат операциони сали, нема лекови за пациенти. Видите во какви услови учат учениците. Видите што се случува во земјоделството, а во светот има, на пример, нова технологија која го зголемува производството на земјоделците. Кога тоа ќе се имплементира?“, праша Филипче.

Притоа, Филипче посочи дека наместо државата да ги применува современите технологии таму каде што директно го подобруваат животот на граѓаните, власта ги користи како изговор за спорни измени на Изборниот законик.

„И сега ние не зборуваме за нас, за тоа како да го унапредиме квалитетот на животот на нашите граѓани, со било која алатка, механизам, технологија која што има во Европа и во светот, и власта се фокусира на некаков нов начин, со нова технологија, за гласање на дијаспората. Зошто? Зошто е тоа така? Зошто немаат интерес државата да се унапреди? Зошто немаат интерес ние да тргнеме напред? Зошто Христијан Мицкоски, поради свој личен интерес, тука нè држи во место? Тој нема право да го прави тоа“, истакна Филипче.

Тој предупреди дека воведувањето на нови модели за гласање мора да биде резултат на сериозна експертска анализа, а не на политички интереси. Филипче повтори дека СДСМ не е против гласањето на дијаспората, но дека не смее да се воведуваат решенија што отвораат сомнежи за безбедноста и легитимноста на изборниот процес.

Линк до видеото :