Соопштение за јавност
ВМРО-ОКГ објави дека „решила наследени долгови“ и започнала реформи во културата и туризмот. Ова се уште една во низата лаги кои немаат граница.
Додека тврдат дека решиле долгови, за само две години ја задолжија државата со дополнителни 2,5 милијарди евра.
Тоа не е решавање на долгови, тоа е ново и многу поголемо задолжување кое ќе го плаќаат граѓаните и нивните деца.
За „реформите“ во културата најдобро зборува состојбата на теренот. Наместо вистински развој, ВМРО-ОКГ спроведе масовна партизација на културните институции, хаос во управувањето и културна деградација. Културата стана декор за политички маркетинг, а не темел на идентитетот и развојот на државата.
За „реформите“ во туризмот најдобро зборува состојбата на теренот. Во Скопје, градоначалникот на ВМРО-ОКГ спроведува „реформи“ во туризмот и промоцијата на градот преку срамни билборди генерирани со вештачка интелигенција, со коњ со пет нозе и со храм на Свети Сава од Белград.
Тоа е нивното ниво на „реформа“ – аматерски, нестручен и понижувачки за главниот град.
ВМРО-ОКГ нема ниту капацитет ниту волја за сериозни реформи.
Тие имаат само пропаганда и лаги. Наместо да решаваат проблеми, тие создаваат нови долгови и нови срамови, а потоа се фалат со измислени успеси.
Граѓаните веќе не веруваат во овие празни соопштенија. Зад секоја нивна „реформа“ стои или нов долг или нов скандал.



