Соопштение за јавност
Мицкоски две години ја лажеше јавноста за европските протоколи и за европскиот процес, ширејќи хистерија дека Македонија не преговара со Европската Унија, туку дека се преговара со Бугарија и дека ќе бидат загрозени идентитетот и јазикот, обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинарите.
-Во однос на европското прашање, мислам дека дефинитивно е знак тоа што сега признаваат дека протоколите не се дел од преговарачкиот процес, нешто што го збориме изминатите две години, а и претходно. Врз основа на тоа ширеа таква хистерија дека ние не преговараме со Европа, дека со Бугарија се преговара, дека ќе изгубиме идентитет, јазик и така натаму. Еве сега и тоа им паѓа во вода – рече Филипче.
Филипче обвини дека однесувањето на Мицкоски и ВМРО е процес со предумисла, посочувајќи ги и претходните ветувања со кои дојдоа на власт.
-Ако ветиш дека ќе го вратиш името и си свесен дека тоа не можеш да го направиш, ако ветиш дека Договорот од Преспа за тебе не е завршена работа, како што Христијан ветуваше, а потоа признава дека е ремек дело на дипломатијата, тоа значи дека кога кажувал така дека не е завршена работа, бил свесен дека ништо не може да промени и дека можеби ќе дојде време кога ќе треба да го прифати. Сето ова е процес со предумисла.
Ова е само уште еден аргумент, показател во низата, дека тогаш кога зборувале дека протоколите се дел од рамката и така натаму, а тоа го зборуваше Александар Николоски, а сега Тимчо Муцунски и Мицкоски го зборуваат спротивното, тие знаеле што прават – истакна Филипче.
Филипче посочи дека и покрај ветувањата за промена на преговарачката позиција, во изминатиот период ништо не се променето.
-И тогаш кога кажувале и ветувале биле свесни дека тоа не може да се оствари, како и што знаеле дека ништо не може да се смени. Еве сега сите им кажуваат дека тоа се условите. И што се случува со нивните ветувања дека ќе се смени преговарачката позиција – ништо не се случува. Можеби има некои обиди, затоа што во јавноста не гледаме, но еве ништо нема две години. До кога ќе чекаме? Имаат ли тие алтернатива – потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

