Филипче: Нашата должност е да го продолжиме патот на Илинденците, борбата денес е за достоинствен живот

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Нашата должност е да го продолжиме патот на илинденците, а денешната борба е за достоинствен живот, правда, владеење на правото и европска иднина на Македонија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во обраќањето од Крушево по повод Денот на Републиката.

Филипче потсети дека идеалите за кои се бореле илинденците и денес остануваат патоказ за развојот на државата и обврска на сегашните генерации да изградат подобра иднина за сите граѓани, а вистинската почит кон Илинден не е само во сеќавањето на минатото, туку и во создавањето држава во која граѓаните ќе имаат сигурност, достоинство и перспектива.

„Сеќавањето на Илинден има вистинска вредност само ако ни служи да градиме подобра иднина. Затоа ние се бориме за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес. За Македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите. За Македонија која е дел од европското семејство – слободна, демократска и просперитетна“, рече Филипче.

Тој нагласи дека денес, повеќе од еден век подоцна, Македонија има обврска да го продолжи токму тој пат и да не дозволи државата да остане заглавена во проблемите што ги принудуваат граѓаните да заминуваат.

„Денес, повеќе од еден век подоцна, имаме должност да го продолжиме токму тој пат. Македонија не смее да остане заробена во минатото. Не смее да биде држава во која младите заминуваат, во која пензионерите едвај преживуваат, во која водата за пиење е опасна, а институциите служат на тесен круг луѓе. Илинденците се бореа против тиранијата на своето време. Денес нашата борба е против корупцијата, против изолацијата и против лажниот патриотизам што ја држи државата во место. Ние се сеќаваме на минатото. Но ја избираме иднината. За многу години Илинден! Да живее Македонија!“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Линк до видео: