Соопштение за јавност
СДСМ бара итна истрага и одговорност за тоа како доверливи полициски документи од Полициската станица Струмица завршиле во рацете на функционери на ВМРО и се јавно објавени за политички пресметки и јавен линч врз млади луѓе.
Во денешната изјава Христијан Ефтимов од СДММ посочи дека ВМРО објави податоци до кои немаат право на пристап и побара Јавното обвинителство веднаш да постапи.
„Бараме од Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага и да поднесе кривична пријава против: Полициски службеници од Полициската станица Струмица, кои неовластено извадиле и предале доверливи полициски податоци, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, кој како прв човек на МВР сноси одговорност за злоупотребата на полицијата, Валентин Манасиевски, кој јавно ги објавил тие податоци и ги искористил за јавен линч врз младите“, рече Ефтимов.
Воедно, Ефтимов побара и Внатрешната контрола на МВР итно да утврди кој им овозможил пристап на функционери на ВМРО до службена тајна и кој ставил потпис, најавувајќи дека СДСМ ќе бара и посебно вештачење.
„Истовремено бараме Внатрешната контрола на МВР итно да утврди кој им овозможил пристап на функционери на ВМРО до службена тајна и кој ставил потпис. За што ќе бараме и посебно вештачење. Ако институциите не постапат, ние ќе поднесеме кривична пријава. За сите“, рече Ефтимов.
Тој порача дека нападите и притисоците нема да ги замолчат младите и дека одговорност мора да има за сите кои ја злоупотребиле институционалната моќ.
„Погрешивте што дигнавте рака на младите. Погрешивте што направивте уште едно кривично дело за да нè замолчите. Не успеавте во Ново Село. Нема да успеете ниту сега. Ние не се плашиме.Вистината е на наша страна. И доаѓа време кога сите ќе одговарате“, рече Ефтимов.



