Филипче: Стандардот тоне, цените се до плафон, луѓето не можат да преживеат

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Со Владата на Мицкоски животниот стандард тоне, цените се до плафон, а луѓето не можат да преживеат, нагласи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во интервјут во „Тема на денот“, на телевизија Сител.

Филипче посочи дека денес граѓаните потешко живеат, нема конкретни мерки за помош и заштита од ценовните шокови, а власта не покажа никакви резултати во економијата.

„Не испорачуваат резултати никаде, не испорачуваат ништо во делот на економијата, во делот на стандардот на граѓаните. Стандардот тоне. Платите не се покачуваат, цените се до плафон. Луѓето не можат да преживеат“, рече Филипче.

Во интервјуто, Филипче потсети дека за време на кризата во 2022 година, предизвикана од почетокот на војната во Украина и енергетската криза, Владата на СДСМ преземаше конкретни мерки за заштита на граѓаните и компаниите, за разлика од денешната владата на ВМРО.

„Гледам дека често се коментира кризата во 2022 година, тогаш 2 милијарди евра како мерки посебни се пуштија кон граѓаните и кон компаниите. Се зачуваа десетици илјади работни места, десетици илјади компании се зачуваа, не се затворија. Струјата се субвенционираше на над 600.000 семејства. Луѓе со социјални случаи, пензионери, млади луѓе добиваа пакети, мерки. Така се менаџира кризата. Што имаме сега? Која категорија на граѓани е заштитена? Ниту една“, рече Филипче.

Тој посочи дека за време на кризата, во периодот на владите на СДСМ платите континуирано растеа, а минималната плата беше зголемена трипати, додека денес, и покрај ветувањата за европски стандард, Владата на ВМРО не презема ништо за дополнително зголемување на приходите на граѓаните.

„Во тоа време во кризата, континуирано растеа платите. Минималната плата се зголеми три пати. Три пати 300% беше 9-10.000 денари, сега е 26.000 денари. Не сака да ја зголеми премиерот на 600 евра, а вика дека сме трета економија во Европа. Па ја кажува ли вистината? Очигледно дека не ја кажува“, рече Филипче.

Филипче додаде дека СДСМ никогаш не ги заборави социјално ранливите категори на граѓаните, а растеа и платите во здравството.

„За колку се зголеми социјалната помош? За 300%. За колку е сега зголемена? Нула. За колку се зголемија платите во здравството? Па најмалку се дуплирани за лекарите специјалисти на клиниките. Знаете сега колкаво зголемување? Нула. Дизелот е 100 денари“, рече Филипче.

Тој посочи дека паралелно со високите цени и падот на стандардот, Владата им создава дополнителни проблеми и на компаниите, кои со месеци чекаат поврат на ДДВ.

„Знаете ли колку е повратот, колку се должи за поврат на ДДВ на компаниите? Сега заклучно со овие денови близу 200 милиони евра чекаат компании со месеци и ги уценуваат и им пуштаат луѓе од организираната криминална група на ВМРО да им дадат процент за да им го платат за да им го вратат ДДВ-то. Тоа се случува. Нас не води криминална банда“, рече Филипче.

Линк до видео: