Филипче: Држава не се води со суети и лажен патриотизам

Facebook
Twitter
LinkedIn

Соопштение за јавност

Држава не се води со навредена суета и лажен патриотизам, туку со резултати, одговорност и носење тешки, историски оправдани одлуки, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на свечениот настан по повод 35 години независност на Македонија, во Македонската филхармонија.

„Може да ни се допаѓа таа реалност. Може да бидеме лути поради неа. Можеме да сметаме дека Европа кон Македонија е неправедна. Но, одговорноста на политичарите е да најдат решенија, а не да се смета за успех да се стои во место со децении. Државата не се води со навредена суета.

Се води со резултати и саможртви, со носење на непопуларни одлуки, но историски оправдани. Признанието за таквите тешки одлуки доаѓа многу подоцна. Само идните непристрасни генерации можат правилно да оценат колкава е цената на прифатените компромиси, а колкава е загубата од бескомпромисноста и изгубените децении на побрз сестран развој“, рече Филипче.

Филипче потенцираше дека патриотската реторика не може да биде замена за резултати и напредок, нагласувајќи дека граѓаните на крајот гледаат кој ја движи државата напред, а кој ја држи во место.

„Тоа е факт од кој нема засолниште во патриотска реторика. Можете секој ден да објаснувате дека сте победиле со тоа што не сте направиле ништо. Граѓанинот на крајот ќе види кој се движи напред, а кој стои во место, или назадува“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче нагласи дека европските интеграции не се ниту партиско, ниту лично прашање, туку најголем државен интерес, за кој се потребни конкретни одлуки и работа.

„Европските интеграции не му припаѓаат на СДСМ. Не му припаѓаат на ВМРО-ДПМНЕ. Не му припаѓаат на ниеден претседател, премиер или министер. Тоа е најголем државен интерес. Не е доволно тоа само реторички да се нагласува, а ништо да не се прави да се стаса до целта“, порача Филипче.

Филипче упати критика до политиките заради кои има поделби и лажен патриотизам наместо резултати, нагласувајќи дека државата има потреба од одговорна политика и храброст за носење одлуки.

„Без нови изгубени децении. Без производство на предавници за секој тежок компромис. Без лажен патриотизам кој е најгласен пред камерите, а немоќен и кукавички кога треба да се донесе резултат. Македонија заслужува повеќе. Заслужува политика што ја разбира државата како одговорност, а не како плен. Заслужува власт која мери што ќе остави зад себе, а не колку долго ќе трае“, порача претседателот на СДСМ.

Линк до видео: