Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница за пратенички прашања го праша министерот за здравство Сашо Клековски за мерките што се преземаат за заштита на граѓаните, а особено на учениците, од западно-нилска треска.
Лукаревска посочи дека само ова лето се потврдени 58 заболени и 8 починати, наспроти вкупно 54 случаи и 5 смртни случаи регистрирани во периодот од 2011 до 2025 година.
Таа предупреди дека ризикот е зголемен со почетокот на учебната година, бидејќи децата се изложени на можни убоди од комарци, а во протоколот за почеток на учебната година, нема конкретни мерки за заштита од западно-нилска треска.
Лукаревска посочи и дека општините во кои е прогласена епидемија – Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба и Илинден – постапуваат неунифицирано, по што од министерот побара одговор дали се преземени дополнителни мерки и дали е изготвен и доставен посебен протокол за заштита на учениците.
Во продолжение интегрален текст од прашањето на Лукаревска до Клековски:
Министре,
Актуелна е состојбата со западно-нилска треска во Македонија. Нешто кое стана наше секојдневие , особено ова лето. Постојано владее страв и паника кај граѓаните . Ако ја погледнеме статистиката, а верувам дека и Вие добро ја знаете , само ова лето потврдени 58 заболени, од кои 8 починати, додека во периодот од 2011 до 2025 година биле регистрирани вкупно 54 потврдени случаи, од кои 5 смртни случаи. Значи за 14 години 5 смртни случаи, за едно лето 8 смртни случаи или само ова лето се евидентирани повеќе заболени отколку во претходните 14 години заедно. И ова е навистина поразителен податок. Вчера слушнавме и дека онаму кадешто немало досега случај, веќе се појавуваат први случаи.
Епидемија беше прогласена на 12 август во повеќе скопски општини, имаше и авионско прскање против комарци, потоа имаше прскање од земја, откако веќе имаше починат пациент и заболени лица во критична состојба.
Бидејќи за луѓето нема вакцина ниту специфична терапија против вирусот, главната заштита остануваат навременото уништување на ларвите, дезинсекцијата и личната заштита од убоди.
Кај најмладите, учениците, постои исто така ризик од западно нилска треска, не од пренос на вирусот , туку од можноста од убод од комарец. Ова го зборувам затоа што почна учебната година, и ризикот е зголемен. Има соодветен Протокол и мерки за стартот на учебната година од Институтот за јавно здравје за спречување на ширење на заразни заболувања – чисти раце – свеж воздух – одговорно однесување – здрави ученици. И тоа е во ред, сите чекори и напатствија се наведени. Но нема ништо конкретно за западно нилската треска, бидејќи во оваа ситуација не зборуваме за пренос на вирусот, туку за заштита од убод од комарец. Бидејќи прогласената епидемија се одесува на повеќе скопски општини , Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Гази Баба, Илинден, имам впечаток дека истите неунифицирано постапуваат во одбрана на западно-нилската треска. Секој како знае и умее.
Ве прашувам, кои дополнителни мерки се превземени за заштита од западно-нилска треска во училиштата и дали имате донесено и доставено соодветен Протокол?

